Збогум  сиромаштијо , доаѓа животот!?

 

 

Уште едни избори се зад нас. Избори парламентарни , редовни, вонредни, па локални, на народот му се смачи од избори. Затоа пак овој пат на последните локални избори  Битола ја имаше  таа среќа  новата локална самоуправа да  ја доби уште во првиот круг. Изборите поминаа, и сега на ред се ветувањата на политичарите . А според она што имавме сите ние можност да го видиме и чуеме може слободно да се каже :збогум сиромаштијо, доаѓа животот!? Дали и колку ќе се каже збогум на сиромаштијата и дали навистина ќе има нов живот ќе покаже времето.

Дека има сиромаштија  не е нешто ново. На денот кога се одбележува светскиот ден на сиромаштијата  ова го потврдуваат и статистичките податоци . Според тие податоци секој петти жител во Македонија нема  доволно пари, а 445 000 граѓани имаат само еден оброк дневно.

Сите тие граѓани очекуваат од новите избраници во локалните самоуправи да ја променат ваквата состојба. И не само тоа туку да речат збогум сиромаштијо. А паралено со тоа и не само тие туку граѓаните на државата навистина сакаат живот , а не живуркање.

Од министерството за труд и социјала велат дека си поставиле за цел до 2020 година процентот на сиромаштија од 21,5 да се намали на 16 проценти. Ова ќе го реализирале со низа мерки наредниот период меѓу кои кратење на непродуктивните трошоци и вработување на сиромашните луѓе.

Парите се тие околу кои се’  се врти. Дали и колку ќе се смени нешто на овој план ќе зависи токму од финансиите? Затоа што лесно е со пари, но кога тие недостигаат и се нема чаре како да се стигни до нив, тогаш е сосема друга приказна.

Ама ако се осврнеме пак на фактот колку пари потрошија политичките партии за време на изборната кампања . има пари. Политичарите  потрошија  милионски суми , што ако се потрошеа поинаку  многу гладни усти ќе се нахранеа. Можеби и повеќе од тоа, така што граѓаните ќе почуствуваа дека сепак има  живот и без избори. А тие пари се  од граѓаните , само се сконцентирани  во рацете на малкумина моќници.

Тие моќници може многу да направат за животот во државата , но доколку сакаат.

Битолчани , сега по изборите  ќе очекуваат нешто повеќе од храна и нешто повеќе од живуркање. По теркот на Скопјани и тие редно е да добијат некој капитален објект. Ако се вратиме во минатото освен хидро системот Стрежево,  со кој се реши проблемот со водоснабдувањето во Битола како и наводнувањето на Пелагонија, нема некој друг  проект што го сменил животот на битолчани на подобро. Порано се организираа самопридонеси со чија помош се градеа објекти за доброто на сите. Така беше изградена спортската сала Младост во Битола. Но тогаш имаше стопански објекти кои успешно функционираа и можеше тоа да се организира. Но во сегашната состојба тешко дека ќе може нешто такво да се организира. Ќе се смени ли нешто во односот на централната кон  локалната власт, ако се има предвид фактот дека голема сума во буџетот доаѓа токму од Битолската општина. Ќе профункционира  ли конечно рамномерниот економски развој во државата?

Останува да видиме колкави се капацитетите на новите избраници во локалната власт, за да може повеќе пари да се слеваат во општинската каса  со што би се решавале проблемите со кои се соочуваат битолчани. Ова ќе треба во најкус можен рок да профункционира затоа што младите навистина ќе речат збогум сиромаштијо , но , јас заминав во светот.

 

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели