Започна поднесувањето кандидатски листи за Локалните избори 2017

Скопје, 12 септември 2017 (МИА) – На два дена пред истекот на рокот за поднесување кандидатски листи за Локалните избори 2017, до општинските изборни комисии почнале да пристигнуваат независни кандидатури за градоначалници и листи на кандидати за советници од група избирачи, информираат од Државната изборна комисија (ДИК).

Политичките партии се уште не поднеле кандидатури за градоначалници и листи за советници, изјави портпаролот на ДИК Љупка Гугучевска.

Партиите веќе јавно ги соопштија поголем дел од кандидатите за градоначалници за претстојните избори закажани за 15 октомври.

Рокот за поднесување листи на кандидати до општинските изборни комисии завршува на 14 септември на полноќ.

Кампањата за локалните избори започнува на 25 септември и завршува на 13 октомври на полноќ. Локалните избори ќе се спроведуваат во 80 општини и во Градот Скопје во над 3.400 избирачки места. ев/са/14:54

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели