Во Русија се одржуваат регионални избори

Во Русија денеска се одржуваат регионални избори за лидери на 16 региони, членови на шест регионални парламенти и пратеници за две испразнети места во Долниот дом на рускиот Парламент, Државната дума, а на избирачките места излезе и претседателот на Русија, Владимир Путин, кој гласаше во Москва.

Денешните избори се своевидна генерална проба во пресрет на претседателските избори, кои ќе бидат одржани за шест месеци, јави ТАСС, напоменувајќи дека Русија денеска го тестира гласачкиот систем на новата генерација.

Со гласањето е опфатена речиси целата територија на земјата и се одржува во 82 од 85 региони, со исклучок на Санкт Петербург, Ингушетија и Магадан.

Вкупно ќе бидат пополнети 36.700 места на регионално и градско ниво, а на изборите ќе учествуваат 42 партии и шест јавни здруженија.

Потпретседателот на руската Централна изборна комисија, Николај Булајев изјави дека очекува на избирачките места денеска да излезат околу 46 милиони гласачи, што е околу половина од вкупниот број на руските избирачи.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели