Во Битола две сестри 13 години во заточеништво

Две возрасни сестри од Битола, тринаесет години живеат во заложништво на сопствената мајка во стан на улица Димче Лахчански. Соседите се сериозно загрижени за здравјето на сестрите кои мајката ги држи под клуч и во изолација. Надлежните институции велат дека се запознати со случајот и бараат законска можност да му помогнат на семејството.

Под клуч и без било каков допир со надворешноста. Така живеат две сестри на возраст од 34 и 35 години веќе 13 години во стан на улицата Димче Лахчански во Битола. По смртта на нивниот татко, мајката ги чува во изолација. Соседите, кои не сакаат пред јавноста да го откријат својот идентитет, раскажуваат дека сестрите биле здрави и доброобразовани личности, но мајката од непознати причини одлучила да ги држи под клуч, во стан без струја, во нехигиенски услови, често прегладнети и жедни. Од станот дење ноќе се слушаат лелеци, велат соседите.

Соседите велат дека досега повеќепатио побарале помош од надлежните институции, но сите обиди да им се помогне на сестрите досега завршувале безуспешно. Пред две години, по силнјите лелеци кои се слуишале од станот, соседите повикале полиција, сестрите биле извлечени и задржани на лекување во битолската болница, но по враќањето во станот, заложништвото од нивната мајка продолжило.

Откако последниве неколку дена од станот не се слуша гласот на една од сестрите, соседите се одлучиле повторно да реагираат кај надлежните. Екипи на полицијата, Центарот за социјални работи и Итната медицинска помош денес беа пред домот на сестрите, но нивниот обид да влезат во станот заврши безуспешно. Полицијата сега чека налог од јавен обвинител да ја обие вратата и да влезе во станот каде сестрите 13 години се заложници на нивната мајка.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели