(Видео) Отворен првиот фонд за жени кои ја напуштаат насилната семејна средина

Националната мрежа притив насилство врз жените и семејно насилство го отвори првиот фонд за парична помош на жени жртви на насилство кои сакаат да ја напуштат насилната средина. Отворањето на фондот е во рамките на одбележувањето на 25 ноември – Меѓународен ден на борба против насилство врз жените, а неговото промовирање ќе биде дел од шеснаесетдневната кампања за активизам против насилство врз жените.
„Идеја за формирање на фонд постои одамна, тоа е формирање на интервентен женски фонд кој што ќе дава иницијална поддршка на жените кои што преживеале насилство и кои што сакаат да излезат од тој насилен круг. Оваа година, 2017, за осми март, Националната мрежа доби донација од Општина Центар, од тогашниот градоначалник Андреј Жерновски, во износ од 90.000 денари. Оваа донација ние решивме да биде првата донација за фондот и со неа да го отвориме“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа.
Изминатитве месеци во Националната мрежа работеле на утврдување критериуми за тоа кој би можел да добие средства од фондот. Утврдиле основен критериум да биде жената да е жртва на насилство која сака да ја напушти насилната средина. Иницијалната помош треба да и помогне за обезбедување на медицинската документација, за извештаи од специјалисти за повредите и за ангажирање адвокат до моментот на добивање бесплатна правна помош, како најитни мерки за жената да излезе од домот.
Фондот е планирано да се полни од донации. Со него ќе раководи Управниот одбор на Националната мрежа кој ќе има обврска да дава известувања за потрошените средства.
Националната мрежа за полнење на фондот ќе упати повик до локалната самоуправа, до приватни фирми и до сите физички лица. Се надеваат на успешна соработка со новоизбраните градоначалници од кои многумина, пред изборите потпишаа заложба за помош на жени жртви на насилство.
„Ние се надеваме дека доколку градоначалниците сметаат дека можат дел од својот буџет да донираат во овој фонд би било одлично, но она што тие го потпишаа како јавна заложба, се однесува на нешто многу поконкретно, односно отворање на сервиси. Овој фонд е за директна поддршка на жени и нивно помагање во процесот на напуштање на средината. Она што ние со градоначалниците го договараме е отворање на сервиси во смисла на отворање на шелтер-центар, кризен-центар и се надеваме дека секој градоначалник ќе одвои од буџетот за да можат овие сервиси да бидат одржливи на подолг период, да не биде секоја година нивното функционирање да биде ставено под знак прашалник“, вели извршната директорка Димушевска.
Нови сервиси за жртвите во 2018 година
Националната мрежа има интензивни состаноци со градоначалниците на кои се утврдуваат мерките за заштита на жените жртви на насилство кои би се преземале во 2018 година.
„Се уште немаме никаква најава и не би било во ред да соопштувам како течат разговорите. Мислам дека ќе има промена. Од сите оние градоначалници кои беа избрани на овие локални избори, поголемиот дел од нив ја потпишаа заложбата. Јас се надевам дека кога еден човек ќе се заложи за нешто, понатака ќе направи напор да ја исполни својата заложба. Засега имаме позитивен фитбек од скопскиот регион, со другите се уште сме во процес на договарање на средба затоа што пред кратко време завршија изборите и мораме да оставиме простор. Се надеваме дека до крајот на годината би оствариле барем една средба со сите градоначалници за да видиме што може да се прави понатаму“, вели Димушевска.
Во преговорите за отворање сервиси за жени жртви на насилство Димучевка вели дека ќе ги вклучат и градоначалниците кои не потпишале заложба за помош, за да не бидат исклучени од процесот.
Голем недостаток во настојувањето да се превенира семејното насилство, Димушевска вели дека е тоа што никој не води статистика за жените жртви на насилство. Оваа состојба треба значително да ја смени ратификацијата на Истанбулската конвенција, за што Парламентот веќе се подготвува.
Од одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жени на Плоштад Македонија во 2015 годинаОд 54 убиства на жени 51 се фемициди во последните осум години
Националната мрежа прави своја статистика за жртвите, врз однова на објавите во медиумите, а во тек е анализа на фемицидите- убиствата на жени затоа што се жени, кои не се издвоени од останатите убиства.
„ Утврдивме дека медиумите известиле за нешто повеќе од осумдесет отсто од убиствата на жени кои се случиле во Македонија. Тие информации ги користевме за да се обратиме до судот, да ни даде увид во предметите за да можеме да видиме што всушност се случило, дали имало пријава, дали имало некаква мерка превземено, дали убиството се случило без претходно да имало некакво насилство и не интересираше казната која што е досудувана на сторителите. Финалните податоци и финалните наоди од анализата ќе бидат објавени на десетти декември, за крај на кампањата против насилство врз жените. Она што засега можеме да го кажеме како бројка е прилично загрижувачки затоа што во овој период кој што ние го анализираме од 2008 година до 2016 година, има вкупно 70 убиства на жени. 54 успеавме да ги идентификуваме, а од овие 54 убиства  51 се фемицид. Тоа значи дека имаме 51 жена која што можеби можела да биде заштитена, доколку соодветно се реагирало“, вели Димушевска.
 
Семејното насилство се уште не се пријавува поради срам од околината
 
Во анализата на фемицидите, Нациналната мрежа открила податок кој и за нив бил изненадувачки. Во најголем дел од убиствата, немало пријава за насилство. Судските записници откриле дека сепак за насилството знаело потесното семејство, но молчеле.
„Значаен дел од овие убиства никаде не се претходно пријавени како случаи на насилство. Она што ние дополнително го дознаваме од увидот во предметите е дека потесното семејство во исказите кажува дека постоело насилство, но молчеле и жртвата не сакала да го пријави заради несигурност каде ќе оди, заради срам од заедницата особено во помалите места. Главно се работи за жени кои не биле финансиски моќни да можат да ја напуштат заедницата и подоцна сами да продолжат заедно со децата да функционираат и да живеат во една поздрава околина“, вели Димушевска.
Судските записници откриле дека сепак за насилството знаело потесното семејство, но молчеле.Државата да предвиди станови за жени жртви на насилство
Од анализата на фемицидите Националната мрежа веќе донела еден заклучок кој се однесува на домување за жртвите кој ќе биде изготвен и како препорака.
„Државата мора да предвиди домување за овие жени. Ние можеме да зборуваме и за шелтри и за психо-социјална помош и за бесплатна правна помош, но се додека жената не е сигурна дека ќе има кров над глава, таа нема никогаш да замине. Земајќи ја во предвид просечната плата во Македонија и просечната висина на киријата за стан, дополнителните режиски трошоци и она што е потребно за децата, многу е мал бројот на жените што можат да го издржат тој трошок. Доколку станбеното прашање им биде решено ќе имаме повеќе пријави на семејно насилство и насилство од интимен партнер и верувам дека во тој случај ќе има повеќе можности да се заштитат, зошто нема заштита ако насилството не се пријави“, рече Димушевска.
Нема шелтри за жртви со попреченост
На 10.000 жени треба да има по минимум еден кревет во сместувачки капацитет за жени жртви на насилство. Македонија на национално ниво е далеку под овој стандард.
„Ние имаме 30-35 кревети на национално ниво, но она што е загрижувачки е што ни еден од овие сервиси што се постоечки, не е прилагодени за жени со попреченост. Тоа значи дека жена со попреченост, доколку пријави насилство државата нема како да ја заштити. Шелтрите се наоѓаат на простор што е непристапен за жена со физички инвалидитет. Дури и да се однесе жената таму, просторот внатре не е прилагоден, нема да може да се движи, нема прилагодени тоалети. Тоа е прв чекор кој што мора да го направиме. Дали ќе ги прелоцираме постоечките, дали ќе ги разгледаме можностите да се направат тие пристапни, не смееме да си дозволиме една цела група на граѓани која што не е мала да биде без заштита“, вели Димушевска.
Токму заштитата на жените со попреченост, во следните денови од кампањата за борба против насилство, ќе биде фокус на Националната мрежа. Најавени се промоции на брошури и упатства за жени со различни видови попреченост.
(М.И.П.)
Извор: Макфакс

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели