Валентин Груевски избран за претседател на Советот на Општина Битола

Конституиран е новиот Совет на општина Битола. Сите членови денес ги потпишаа свечените изјави дека правата и должностите како советници ќе ги вршат совесно почитувајќи го Уставот, законите, прописите на Советот и дека ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија. Во идниот Совет, мнозинство ќе бидат советниците од СДСМ и коалиционите партнери кои имаат 17 советници, а ВМРО-ДПМНЕ замина во опозиција со 11 советници. Два советника имаат независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ и еден колицијата на ДУИ.

Со потпис на изјавите за избор на советник, денес беше избран новиот состав на Советот на Општина Битола. За претседател на Советот со 20 гласа за и 11 против избран е Валентин Груевски од Либерално – демократската партија. Предлогот го образложи советничката од Социјал – демократскиот сојуз на Македонија, Соња Карапец.

Коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ гласаше против изборот на Груевски за претседател на Советот на Општина Битола. Координаторот на советничката група, Борче Димитровски, вети конструктивност во работата на советниците, а неговите колеги образложија зошто Груевски не ја заслужува нивната поддршка.

Независната советничка Габриела Илиевска од говорницата побара новата градоначалничка да назначи заменик од редовите на советници во законските предвидениот рок од 60 дена, а заложбите за транспарентност на Советот на Општина Битола од СДСМ и коалицијата за време на изборниот период, во најскоро време да бидат преточени во реалност и граѓаните да имаат целосен увид во работата на нивните избраници.

По изборот за претседател, Валентин Груевски порача дека Советот ќе биде отворен за соработка со сите граѓани на Општина Битола, апелираше советниците да бидат чесни во својата работа и да ги следат интересите на градот, а не на локалните моќници.

Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, во своето прво обраќање пред Советот вети многу напорна работа за поубава Битола. На општинската администрација и порача дека мерките што ги очекува во работата се професионализам, стручност и посветеност.

Согласно Статутот на Општина Битола, градоначалникот е должен да поднесе извештај за извршувањето на одлуките донесени од страна на Советот на секои три месеци во текот на годината. За извршувањето на своите надлежности, пак, Градоначалникот го информира Советот по потреба, а најмалку два пати во годината. Довчерашниот градоначалник Владимир Талески за период од дванаесет години само неколкупати присуствувал на седница на Советот на Општина Битола, а токму Петровска често го критикуваше за неговата изолираност од работата на претставничкиот орган на граѓаните на Битола.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели