Tивко бдеење пред Синодот на БПЦ – се носи одлука за барањето на МПЦ – ОА

Бугарски граѓани, верници и интелектуали со транспаренти во рацете, утрово во Софија се собраа пред седиштето на Светиот синод на Бугарската православна црква, на „тивко бдеење“ за поддршка на барањето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, БПЦ да биде нејзина мајка-Црква.
„Не ја отфрлајте подадената рака на нашите браќа од Македонија“,  „Бугарската патријаршија мајка – црква на МПЦ- Охридска архиепископија“, се само дел од паролите што можат да се забележат на протестот.
Како што јавуваат бугарските медиуми, бугарскиот патријарх Неофит и другите митрополити го почнаа заседавањето од зимската сесија, на кое го разгледуваат писмото од МПЦ-ОА испратено на 9 ноември.
Според најавите на бугарските владици, не се очекува брз одговор на БПЦ, туку ќе биде формирана комисија која ќе треба да ги информира останатите православни цркви и да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА.
Истакнати личности, академици, новинари и претставници на  семејствата Миладиновци, Дрангови, Шапкареви и Прличеви во отворено писмо изразија поддршка за барањето на МПЦ-ОА. А македонскиот владика Наум анализираше зошто е „најприродно БПЦ да биде мајка-Црква“ на МПЦ.
Светиот синод на БПЦ денеска треба да го разгледува писмото што на 9 ноември му го упати Синодот на МПЦ-ОА, а во кое се бара признавање на афтокефалноста на македонската црква и евхаристиско единство со бугарската црква.
Вакво барање МПЦ испратила до БПЦ на 9-ти ноември, по што  бугарската општествена елита се мобилизираше и испрати писмо-петиција до бугарскиот патријарх Неофит и Светиот синод со барање БПЦ да ѝ подаде рака на МПЦ.
На бдеењето пред Синодот се придружи и бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов. „Ние сме овде за да го охрабриме Светиот синод, затоа што знаме, дека има надворешен притисок против едно правилно решение“, изјави Кракачанов.
Извор: Макфакс

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели