„Та Неа“: Се очекува одговор од БПЦ на барањето од МПЦ

Договорите меѓу Бугарија и Македонија се порака до соседите. Се очекува одговорот од Бугарската патријаршија на барањето на МПЦ – Охридска архиепископија да стане нејзина црква-мајка. Ова се главните поенти во текстот на грчкиот весник „Та Неа“ по повод вчерашната заедничка седница на бугарската и македонска влада во Струмица.
Под наслов „Договорите меѓу Бугарија и Македонија се порака до соседите“, весникот „Та Неа” пишува за десетте потпишани билатерални договори, меморандуми и протоколи за соработка за време на првата заедничка седница на бугарската и македонската влада во Струмица.
„Та Неа“ го цитира македонскиот премиер Зоран Заев дека со договорите политичките лидери на двете држави испратиле силна порака до регионот и до целиот свет, дека на овој начин се градат пријателства, се води политика на добрососедство, се развива соработката и се обезбедува долгорочна стабилност.
Атинскиот весник исто така вели дека се чека одговорот на Бугарската православна црква на писмото од Македонската православна црква, во кое таа бара бугарската да ѝ стане црква-мајка. Во врска со ова „Та Неа“ пишува дека Македонската православна црква во 1967 година еднострано се отцепила од Српската патријаршија и прогласила автокефалност, која сепак не е призната од ниту една православна црква во светот.
Извор: Макфакс

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели