Стечајците притискаат да се обесштетат и другите 1.500 лица што останаа на улица

По 20 јануари, се очекува да влезат во собраниска процедура измените на Законот за материјалното обесштетување на стечајните работници, со кој дополнително треба да бидат обесштетени уште 1.500 лица кои не беа опфатени со сегашниот закон, информираат од здружението на стечајните работници УНИТ. Стечајците побараа задолжителните 15 години стаж во државно претпријатие да не се ограничуваат само на една фирма, туку предвид да се земе и стажот во повеќе државни компании за да може и овие лица да го остварат правото.
„Досега предвид се земаше стажот од 15 години, само во една фирма, а сега се прифаќа и стажот од повеќе фирми, важно е само да се во државна сопственост и да е започнат процесот на приватизација. Измените се однесуваат на фирмите што заминале во стечај од 1995 заклучно со јуни 2018. Со овие измени ќе бидат згрижени и другите стечајци и нивната бројка ќе изнесува 4.500 лица“, вели Лилјана Георгиевска од УНИТ за „Макфакс“.
За остварување на правото на паричен надомест од 7.600 денари старосната граница останува иста, 52 години за жени и 55 години за мажи. Но, како што информираа од здружението УНИТ, измените на законот се очекува да бидат прифатени и донесени што побргу за да може другите стечајци да го остварат своето право.
„Надлежните ветија дека ќе го затворат оваа прашање, затоа ние ќе вршиме притисок до целосно завршување на децениската агонија на стечајците. Ќе се бориме и нема да отстапиме сè додека и последниот стечаец не биде обесштетен“, додава Георгиевска од УНИТ.
Со постојниот закон, кој беше донесен во септември, претходно беа опфатени 3.000 невработени лица кои во периодот на транзицијата, поради трансформација на фирмите, останаа на улица.
Инаку, стечајните работници од 2004 година наваму преку протести, штрајк со глад и разни мерки вршеа притисок врз власта за носење ваков закон.
 
 

Извор: Макфакс

Powered by WPeMatico

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели