Сте слушнале ли за пушење од трета рака?

Научниците предупредуваат на опасноста од таканареченото „пушење од трета рака“, односно на присутноста на честичките чад во мебелот и теписите, дури и во просториите во кои не се пуши.

Американските истражувачи велат дека опасните честички од чадот од цигарите се задржуваат во облеката, мебелот, завесите и теписите и дека повторно можат да се најдат во воздухот кој го дишеме и да се прошират во другите простории преку вентилацискиот систем.

За разлика од активното и пасивното пушење, доказите за штетноста на пушењето од трета рака не се толку детално испитани, па научниците повикуваат на дополнителни истражувања.

Лабораториските тестови покажуваат дека индиректното изложување на остатоците од чад присутни на кожата, облеката или мебелот кај глувците може да предизвика ослабување на имунитетот. Исто така, научниците предупредуваат на штетноста од честичките на чадот останати во тапацираниот мебел за новороденчињата или многу малите деца што спијат на мебел кој бил изложен на чад.

Проблемот е во тоа што остатоците од никотин се задржуваат на внатрешните површини кои потоа се спојуваат со азотната киселина формирана од азотните оксиди што ги испуштаат шпоретите и другите уреди на плин.

Кога овие хемикалии ќе се спојат, се создава докажано канцерогениот нитрозамин, кој е присутен во тутунот.

Едно неодамнешно истражување предупредува и на тоа дека честичките на никотинот од мебелот можат повторно да се најдат во воздухот и да се прошират во простороот. Тоа важи и за електронските цигари, кои исто така содржат никотин.

– Во просториите во кои веќе некое време не се пуши најдовме честички од чад од тутун во дури 29 отсто од вкупната воздушна маса. Тоа е важно откритие и отвора прашање како толку многу честички од чадот од цигарите може да се најдат во вентилираните простории во кои не се пуши – истакнува Анита Авери од Универзитетот „Дрексел“ во Филаделфија.

За да можат тоа уште подобро да го испитаат, научниците користеле два контејнера од кои едниот го исполниле со чад од цигари и потоа темелно го проветриле. Следниот ден го филтрирале воздухот на начин на кој тоа го прават системите за вентилација во зградите и откриле дека количината честички од тутун е за 13 отсто повисока во контејнерот што бил исполнет со чад – иако потоа темелно бил проветрен.

– Многу јавни институции го забранија пушењето. Но, тие забрани ги штитат луѓето само од пушењето од втора рака, а не и од пушењето од трета рака, односно од честичките заостанати во мебелот и на површините. Студиите покажуваат дека таквиот облик на загадување потенцијално е уште поопасен од пасивното пушење бидејќи практично е невозможно да се избегне – вели доктор Мајкл Ванг, исто така од Универзитетот „Дрексел“.

Според Нил Томас, професор по епидемиологија на Универзитетот во Бирмингем, изложеноста на честичките чад кои останале на мебелот го зголемува ризикот од развој на рак – ќе заболи едно од 1.000 лица изложени на честичките.

Истражувањата исто така покажуваат дека децата се почувствителни на изложеноста на честичките од чадот и дека тие можат да се најдат на сите можни места, дури и во инкубаторите на одделите за неонатологија во болниците, и тоа благодарение на составот на вентилацијата.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели