Средба на високи претставници на министерствата за одбрана на Македонија и Бугарија

Во Министерството за одбрана на Република Македонија денеска се одржаа билатерални разговори во областа на одбраната помеѓу државниот секретар Драган Николиќ и началникот на политичкиот кабинет во МО на Република Бугарија, Илија Налбантов.

Како што соопштија од Министерството за одбрана, на состанокот биле разменети искуствата на двете делегации во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед. Бугарската делегација била запознаена со формирањето и мисијата на Полкот за специјални операции, а се анализирала и соработката помеѓу Полкот и специјалните сили на Бугарија. На состанокот се дискутирало и за нивната натамошна соработка преку конкретна обука и изведување вежбовни активности.

– Делегациите разговараа и за воено образовните капацитети на Бугарија и можности за идно упатување на школување на припадници на АРМ во овие капацитети. Стана збор и за можностите за продлабочување на соработката и во областа на Воената медицина, како обука на воени лекари од АРМ во Бугарија и понуда за користење на капацитетите на Регионалниот тренинг центар за медицинска обука на АРМ, се истакнува во соопштението.

Работната средба, според МО, претставува потврда за продолжување на успешната соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели