Социјални претпријатија за економско јакнење на групите од социјален ризик

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. официјално го заокружи едногодишниот ИПА-проект „Зајакнување на Ромките преку основање на социјално претпријатие“, финансиски поддржан од Европската унија.
По тој повод денеска во ЕУ Инфо-центарот во Скопје се одржа конференција за печат на која беше истакнато дека Х.Е.Р.А. заедно со Општина Центар и Мрежата на социјални претпријатија „Групација СОС“ од Франција работеле на отворање на можности за економско зајакнување на Ромките, кои се меѓу најмаргинализираните во земјава, што во голема мера се должи и на фактот што дури 92% од нив не се доволно образовани.
Имено, Х.Е.Р.А. и партнерските организации изготвија Предлог-програма за развој на социјалното претприемништво на Општина Центар за 2018 година и Стратегија за финансиски механизми за социјални претпријатија во Република Македонија.
Претставувајќи ги накусо овие два документи, Ана Филиповска, локален консултант за развој на социјални претпријатија, ги истакна финансиските механизми кои овозможуваат поволна правна и финансиска околина за основање на социјални претпријатија во Македонија. Притоа, беше подвлечена и важноста на локалната политика во креирањето на социјални претпријатија како начин на економско зајакнување на групите од социјален ризик, но и како начин на постигнување самоодржливост на сервисите кои ги нуди граѓанскиот сектор.
Социјалното претпријатие „Нега Плус“ кое Х.Е.Р.А. го отвори со помош на овој проект, денес нуди грижа и нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови и вработува десет Ромки кои се обучени и сертифицирани според Програмата за палијативна грижа и нега, лиценцирана од страна на Министерството за образование.
Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија на која беа споделени дел од успешните социјално-претприемачки приказни кај нас.  Покрај Благица Петрова од „Нега Плус“, за неизбежните финансиски предизвици при формирањето на социјално претпријатие во земјава зборуваа и социјалните претприемачи Сократ Манчев од „Покров“, Александра Илоска од „Лице в лице“, Ирина Јаневска од „Кулинари“ и Сашко Јованов од „Хуманост“.
Извор: Макфакс

Powered by WPeMatico

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели