Собранието го укина Советот за утврдување факти и одговорност кај судиите

Собранието на денешната седница го укина Советот за утврдување факти и одговорност кај судиите.

Владата во ноември минатата година достави до Собранието предлог-закон за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија.

„Основна цел на овој предлог-закон е престанување на важење на Законот за Советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија водејќи сметка за дадените забелешки и упатства од меѓународните институции во делот на реформите на правосудниот систем“, соопшти тогаш Владата.

Во образложението на предлогот беше наведено дека праксата покажала дека формирање на вакво професионално тело за покренување постапка за утврдување одговорност на судија не ја остварила целта на основањето, туку, напротив, истото било формирано без да се направи целосна анализа на недостатоците во Законот за судски совет што резултирало со негативен извештај од меѓународните институции, вклучувајќи ги и забелешките од Венецијанската комисија.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели