Сирија го обвинува Израел за бомбардирање на сириска воена база

Сириските воени власти соопштија дека израелски авиони извршиле воздушен напад врз една воена база на територијата на Сирија, при што се убиени двајца сириски војници.

Западните воени експерти тврдат дека нападната е локација на фабрика за производство на хемиско оружје, додека Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон, тврди дека станува збор за истражувачки центар на сириската армија и за база со ракети „земја-земја“.

Во соопштението на сириската армија се вели дека израелските авиони истрелале ракети од воздушниот простор на Либан.

Израелските воени сили кои досега повеќепати извршиле вакви напади врз сириската територија, засега, не го коментираат соопштението на Сиријците.

Нападот се случил само 24 часови по објавувањето на извештајот на ОН за тоа дека сириската воена авијација, во април годинава, врз градот Хан Шејхун, што беше под контрола на бунтовниците, исфрлила бомба полнета со агенс на сарин, предизвикувајќи смрт на осумдесетина цивили.

Владата во Дамаск ги отфрли ваквите обвинувања, а претседателот Башар ал Асад тврдењето за напад со хемиско оружје го оквалификува како „чисто фабрикување“.

Според Асад, Сирија уште во 2013 година, го има уништено своето хемиско оружје и тоа под меѓународна контрола.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели