По подолго време стигна соопштение од Општина Битола до ТВ Орбис

По подолго време, Општина Битола денес испрати соопштение до Телевизија Орбис во кое известува дека в недела завршува забраната за сообраќај во центарот на градот. Изминатите неколку месеци, локалната самоуправа ја имаше ставено нашата телевизија на своевидна црна листа и новинарските екипи на Телевизија Орбис не добиваа покани за настани во организација  на општината. Весникот Слободен печат денес открива дека Телевизија Орбис не била единствениот медиум во Битола кој градоначалникот Владимир Талески го избегнувал последниов период.

Со месеци наназад градоначалникот на Битола, Владимир Талески, на своите настани и прес-конференции не ги кани медиумите кои се критички настроени кон неговата работа и особено дописниците кои му поставуваат „незгодни“ прашања, пишува денеска Слободен печат. На неговите настани последниов период присутни се само неколку медиуми кои ги добиваат и соопштенијата и реакциите што Општина и градоначалникот ги испраќаат во јавноста.

Според весникот, Талески особено се дистанцирал од новинарите по објавувањето на опозициските „бомби“ и по куќниот притвор кој го заработи лани летото како првоосомничен за криминал со школскиот превоз тежок 360.000 евра. На почетокот на неговиот прв мандат, Талески беше секојдневно присутен во медиумите, беше своевиден шоумен, сам ги водеше прес-конференциите, без портпароли. Глумеше експерт за сите области , а со доза на голем цинизам одговараше на прашањата кои не му се допаѓаа. Во тој период медиумите дури и не можеа да го следат темпото на настани и прес-конференции што тој го наметнуваше, пишува Слободен печат.

Регионалниот координатор на ЗНМ за Битола и Прилеп, новинарката Жанета Здравковска вели за Слободен печат дека за ваквото однесување на Општина Битола, уште минатата година го известила Здружението на новинари на Македонија кое реагирало до Општината, но состојбата до денес не е променета.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели