Петровска ја презеде функцијата Градоначалник на Општина Битола

Точно во десет часот, Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска се појави на црвениот тепих пред општинската зграда за да ја преземе функцијата од Владимир Талески. Петровска ја пречека шефот на протокол во Општина Битола, Ѓуро Илиќ. Тој во неврзан разговор со новинарите пред доаѓањето на Градоначалничката, откри дека црвениот тепих бил купен пред повеќе од 11 години, по повод доаѓањето на поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ во општинската зграда. Петровска е втората гостинка во зградата која зачекори по тепихот со златни орнаменти по страните. Пред да стигне до своето ново работно место, Петровска ја пречекаа љубопитните очи на службениците, а на влезот во зградата и аплаузите на дел од вработените во општината.

Пред влезот во кабинетот на Градоначалникот на Општина Битола, Петровска ја пречекаа и дел од некогаш најблиските соработници на Владимир Талески. Тој, пак, до последен момент се подготвуваше за последната средба на која е домаќин во градоначалничкиот кабинет, и тоа токму на советничката која жестоко ги ловеше негови грешки во минатото.

По петнаесетина минути куртоазен разговор, Талески оцени дека се работи за исклучителен, многу важен, историски момент за Битола и симболично го предаде т.н. клуч на градот со што Петровска и официјално ја презеде функцијата градоначалник.

Во прошталното обраќање како градоначалник, Талески се заблагодари на сите негови поддржувачи и порача дека се што направил, направил за сите нас. Победата на СДСМ на локалните избори ја оцени како демократизација на Општина Битола и изрази надеж дека ќе се расчисти маглата што фрлила сенка врз работењето на општината и државата.

Петровска се заблагодари за пречекот, за поддршката на изборите, се заблагодари на семејството и повтори дел од заложбите искажани во изборната кампања.

На примопредавањето на функцијата, првпат по долго време во општинската зграда присуствуваа сите локални медиуми од Битола, како и најголемиот број дописници на националните телевизии во земјава. Од декември лани Телевизија Орбис беше на црната листа на Талески, каде, пак, уште подолго се наоѓаа неколку дописници кои критички известуваа за работата на локалната самоуправа. Новата локална власт вети дека ќе остане транспарентна и кога медиумските написи нема да и бидат по волја.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели