Османи: Бугарското претседавање со ЕУ е голема шанса за Република Македонија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, по повод преземањето на претседателството со Европската Унија од страна на Република Бугарија, во Скопје оствари неформална средба со бугарскиот амбасадор, Иван Великов Петков.
„Претседавањето со Европската Унија од страна на Република Бугарија претставува голема чест за Република Бугарија, но и голема шанса за Република Македонија, за остварување напредок за нашите европските интеграции”, изјави Османи.
Тој додаде дека тоа го потврдува и мотото под кое Република Бугарија ќе претседава со Европската Унија – „Обединети сме посилни“, со што, како што рече тој, и на симболичен начин се потврдува еден од клучните приоритети на бугарското претседателство – поддршка на процесот за проширување на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан.
„Бугарија ја сметаме за наш пријател, земја – лобист за нашите европски аспирации, а нивното претседателство за историска шанса за остварување значаен напредок на патот кон Европската Унија, Македонија и Бугарија имаат многу повеќе заеднички работи кои ги поврзуваат отколку работи што ги разделуваат”, изјави Османи.
Вицепремиерот Османи уште еднаш го повтори ставот дека следните шест месеци претставуваат исклучително важен период за Република Македонија, историска шанса за остварување напредок во евроинтегративните процеси, при што ги повтори очекувањата на Владата.
„Уште на почетокот на следниот месец ја очекуваме стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан, најавена од Претседателот на Комисијата, Жан Клод Јункер, каде очекуваме соодветно да бидат забележани нашите европски перспективи за 2025 година. Уште повеќе, очекуваме вонредна, а потоа и редовна, чиста и безусловна препорака од страна на Европската Комисија за почеток на преговори за членство во Европската Унија. И сето тоа пред одржувањето на историскиот самит за проширување на унијата во Софија, каде очекуваме заклучоци со кои ќе се забетонира европската перспектива на Република Македонија и на целиот регион“, истакна Османи. Тој додаде дека и кон крајот на бугарското претседавање со Унијата, на Европскиот совет во јуни, очекува и на одлука од страна на Европскиот Совет за отпочнување преговори за членство со Република Македонија.

Извор: Макфакс

Powered by WPeMatico

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели