Од утре започнува вакцинирање против сезонски грип

 

Од утре започнува вакцинирање против сезонски грип. Секоја година оваа активност ја организира Центарот за јавно здравје во Битола. За таа цел набавени се 3 800 вакцини. Вакцинирањето е превентивно и цената на една вакцина чини 400 ден, беше соопштено на денешната прес конференција во ЦЈЗ Битола.

 

Од утре започнува  превентивното вакцинирање против сезонски грип. Вакцинирањето ќе се врши секој работен ден од 7:30 до 18 часот во просториите на Центарот за јавно здравје Битола  кое е надлежно за оваа активност. Се препорачува  да се вакцинираат старите лица над 65 години, малите деца и хронично болните лица.

„Оваа година набавени се 3800 вакцини од кои 2800 се наменети за жителите на општина Битола, 700 за Кичево, 200 за Демир Хисар и 400 за Ресен, информираше на денешната прес конференција директорката на Центарот за јавно здравје Прим Д-р Елизабета Крстева.“ Вакцините се набавени од реномирана холандска фирма Абот.

Овие вакцини не се препорачуваат за лица кои се алергични  на јајца или пилешки протеини или се алергични на некои лекови како на пример на гарамицин, посочува д-р Крстева.

Вообичаено на нашите простори грипот се јавува на почетокот на годината во месец јануари, така што сега е оптималниот период кога треба да се изврши имунизација,  да има доволен период  за организмот да создаде имунолошки систем за грипот на кој укажува Светската здравствена организација.

Вакцината е препорачана од Светската здравствена организација  и оваа година таа со својот состав ќе штити од три типа на вирус.

За тоа каков тип на превентивна вакцина ќе се примени секоја година посочува Светската здравствена организација. Вакцината не е задолжителна, но е превентивна и здравствените работници ја препорачуваат  со цел граѓаните да се заштитат од последиците што може да настанат при заболување од сезонски грип. Цената на една вакцина  изнесува 400 ден.

 

 

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели