МНР: Нема повредени или загинати македонски државјани во налетот на ураганот Ирма

Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД и досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани во погодените подрачја од ураганот Ирма, соопшти вечерва Министерството за надворешни работи.

Претставници од македонската Амбасада во Вашингтон стапиле во контакт со македонската државјанка која престојувала во францускиот дел на островот Сент Мартин, а моментно е евакуирана на безбедно. Во контакт се и со семејството кое се наоѓаше во холандскиот дел на Сент Мартин и кое веќе е евакуирано од островот, се наведува во соопштението.

Се упатува апел за будност и следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот Ирма се уште не е надмината.

Телефонските броеви за контакт со македонската Амбасада во Вашингтон, на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време, се: 202-390-7418 и 202-667-0501.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели