МНОГУ ВИДЕЛЕ МАЛКУ ПРЕПОЗНАЛЕ

 

 

Деновиве Битола живее во знакот на албанската азбука и 109 години од како албанските интелектуалци го стандардизираа албанскиот јазик. Низа активности беа организирани , многу работи беа кажани , ама битолчани како никогаш до сега ќе паметат како градот беше блокиран. И не само возилата туку и пешаците  не можеа  да се движат  по Широк Сокак кога требаше да помине албанскиот претседател Илир Мета кој беше во посета на градот.

Музејот на битолската азбука деновиве стана најпопуларна  установа во градот. Ќе стане ли и оваа установа магнет за туристи, посебно албанските, по примерот на турските туристи? Спомен собата на  таткото на Турција, како што го нарекуваат, Кемал Ататурк, во НУ Музеј Битола е една од најпосетуваните токму од турски туристи.  Требаше да помине долго време за оваа соба да биде туристичка дестинација . Дали ќе треба да помине долго време и за музејот на албанската азбука да стане туристичка дестинација, останува да почекаме па да видиме.

Години наназад се прават напори Битола да стане дестинација  за многу туристи, но очигледно тоа бавно се реализира. Ако се оди по примерот за спомен собата на Ататурк, тогаш , ќе треба да почекаме подолго. Или пак новата локална власт ќе смогне сили состојбата да ја промени. Античкиот град Хераклеја Линкестис уште е најпосетуван.

Битола пак има толку голема историја  од каде може да се пронајдат  многу приказни, кои со добро менаџирање би донеле бројни туристи од кои придобивка би имале сите.

Сега  за сега тоа се  само факти  кои ги препознале историчарите и се регистирирани во историските книги, а малку мина ги знаат. Можеби нешто ќе се отскрие во некое интервју, но сепак тоа се  се само приказни кои се   раскажуваат   меѓу оние што ги знаат и оние што умеат да слушаат.

Списокот може да биде долг но и не мора.  Нека се одбеарт најатрактивните места и со нив нека се работи. Да тргнеме од  Тумбе кафе. Опеано во многу старо градски  песни  битолчани  со гордост го споменуваат, но таму местото плаче за  промени  и  вака како што е  моменатланата состојба  ретко дека некој турист ќе сака да отиде таму.

Офицерскиот  дом е посебна приказна, и за негово санирање ќе треба да ги почека политичките ветувања. Германските, француските , српските, еврејските  гробишта се дел од историјата на Битола, но не доволно искористени за туристичка дестинација. Останува да се надеваме дека интензивните активности што се реализираат околу реставрацијата на еврејските гробишта ќе вроди плод и дека ќе стане Меморијален музеј .

Широк сокак е самиот приказна са себе но пак треба некој да промовира. Приказната за Магнолија и  битолскиот трговец кој му дал позајмица на турскиот валија да ги плати војниците.  Реставрацијата на Јени џамија уште не е завршена. Бројни туристи ја виделе , но малку знаат дека таа е изградена на темелите на црква, а не е ниту единствена. Има уште бјекти кои во себе кријат интересни  факти како оние во црквата Св. Великомаченик  Димитриј.

Безистенот е тука да сведочи за некогашниот покриен  турски пазар, а старата  битолска чаршија да сведочи за занаетите кои некогаш ги имало а сега се само спомен.

Градскиот часовник  со својата историја е тука да отчукува и да го мери времето. Да ги потсетува граѓаните дека историјата е во минатото, а дека сегашноста е таа што ќе остави траги во иднината.

МНОГУ ВИДЕЛЕ МАЛКУ ПРЕПОЗНАЛЕ. Колку од сето она што го имаме ќе успееме да го направиме  видливо и да стане препознатливо од страна на туристите , ќе зависи од способностите на оние што треба да се занимаваат со таа работа  и конечно градот да го добие заслуженото. Туристите да може да го почувствуваат она што е опеано во песните.

 

 

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели