Макрон: Тројца загинати и 16 повредени во нападот во Франција

Три лица загинаа, а 16 други се повредени во денешниот напад во југозападна Франција, што го изведе маж кој тврдеше дека е член на џихадистичката група Исламска држава (ИД), изјави вечерва францускиот претседател Емануел Макрон.

– Нашата земја беше цел на исламистички терористички напад, изјави Макрон во обраќањето до нацијата по повод денешната заложничка криза во супермаркет во градот Треб и нападите во соседниот Каркасон.

Макрон нагласи дека двајца од повредените се во критична состојба, меѓу кои и жандармериски потполковник кој доброволно се јавил да замени една од заложничките.

– Тој се бори за неговиот живот, нагласи Макрон, прогласувајќи го офицерот за херој.

Франција напад Треб

Киднапер претпладнево упадна во супермаркет во градот Треб убивајќи две лица и задржувајќи тројца заложници. Набрзо тој ги ослободи заложниците и заедно со 45-годишниот потполковник на француската жандармерија, кој се јави доброволно да замени еден од заложничките, остана сам во супермаркетот.

Жандармерискиот потполковник цело време го држел отворен својот мобилен телефон, што и помогнало на полицијата да ја следи состојбата во супермаркетот.

Киднаперот беше неутрализиран од страна на припадници на полицијата кои упаднаа во супермаркетот. Според полициски извори, при акцијата, покрај жандармерискиот потполковник, ранет е уште еден полицаец.

Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Коломб попладнево соопшти дека напаѓачот, за кој француските медиуми тврдеа дека е со мароканско потекло, дејствувал сам.

Жерар Коломб

– Неговото име е Редван Лакдим, 26-годишен. Тој и беше познат на полицијата за ситни прекршувања на законите. Го следевме и сметавме дека не е радикализиран, но тој ненадејно презеде акција, изјави Коломб на прес-конференција во Треб.

Коломб му честиташе на жандармерискиот потполковникот за неговиот „херојски потег“. – Сакам да го пофалам потполковникот за неговата храброст. Тој замени еден заложник. Тое е херојски потег, рече Коломб.

Градоначалникот на Треб, Ерик Менаси претходно изјави дека кога влетал во супермакетот, киднаперот извикувал „Алаху акбар (Алех е голем), сите ќе ве убијам“.

Тој при тоа побарал ослободување од затвор на исламистот Селех Абдесалам, кој е осмничен дека стои зад нападите во Париз од ноември 2015 година, при што загинаа околу 130 лица.

Полицијата информира дека пред да упадне во супемаркетот во Треб, напаѓачот украл автомобил во соседниот град Каркасон, при што убил едно лице застрелувајќи го во главата и ранил друго. Потоа тој стрелал кон група полицајци, повредувајќи еден од нив, и се упатил кон супермаркетот во Треб.

Во врска со инцидентот се огласи и ИД, која презеде одговорност за нападот.

– Лицето што го изврши нападот во Треб во јужна франција е војник на Исламската држава, се наведува во соопштението на ИД, во кое се додава дека тој „ја спровел операцијата“ како одговор на повикот на групата да се извршуваат напади во земјите членки на антиџихадиситчката коалиција предводена од САД.

Во терористички напади изведени од џихадисти во Франција од 2015 година, па досега, загинаа над 240 лица. сп/19:15

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели