Мајами поплавен, Ирма се намали на трета категорија

Ураганот Ирма ослабна на категорија три кога го погоди јужниот дел на Флорида, каде ги поплави улиците на Мајами и остави околу 1,8 милиони домови и фирми без електрична енергија.

Националниот центар за урагани соопшти дека ветерот достигнал брзина од 195 километри на час.

Во финансискиот округ на Мајами има околу 60 сантиметри вода, а една од главните улици изгледа како река.

Националниот центар за урагани предупредува дека градовите Нејплс и Марко Ајланд можат да бидат погодени од силни ветрови во следните неколку часови. Поголема опасност од силните ветрови е порастот на нивото на морето, што може да ги поплави крајбрежните градови.

Издадено е итно предупредување за жителите на северозападниот дел на Флорида, каде нивото на морето може да се зголеми од три до четири метри.

Регистрирани се и неколку торнада.

Во налетот на ураганот Ирма загинаа вкупно 30 луѓе, од кои три лица во Флорида.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели