Лични наспроти интересите на државата го кочат “Транспортер” – от?

“Обвинетите да ја сфатат сериозноста на кривичната постапка и да ги тргнат настрана сите останати приватни обврски. Обвинетите ги знаат своите права и обврски и секое одолговлекување на постапката е на сопствен ризик. Укажуваме дека на дел од обвинетите им се одземени патните исправи. Обврската од присуство на рочиштето е посилна од секое удоволување на индивидуалните барања на сите обвинети лица“. Ова е пораката на обвинителот од Специјалното јавно обвинителство, Љубомир Лапе упатена до обвинетите во случајот Транспортер на вчерашното, второ по ред неуспешно рочиште.

Адвокати кои денес ги замоливме за коментар на случувањата кои упорно го одлагаат почетокот на процесот во кој 20 – тина лица се обвинети за нанесување штета на Буџетот на Општина Битола поголема од 360.000 евра, велат дека судењето наликува на лакрдија, односно на театарска претстава со лесна содржина, заснована на шеговити, апсурдни ситуации. Само така може да се оквалификуваат ситуациите во кои обвинети не се појавуваат на судење заради сообраќајна несреќа на патот или концерт во некоја прекуокеанска земја. Според нив, пораката на обвинителот Лапе доволно говори колку несериозно дел од обвинетите гледаат на судскиот процес, а дел, пак, сеуште не се свесни што значи кривична постапка пред суд. Однесувањето на судијата во процесот, пак, адвокатите што ги контактиравме сметаат дека се темели на добра волја, која според нивните проценки, сепак, ќе има граници кои обвинетите не би требало да ги преминат. Во спротивно, и на судот и на обвинителството им стојат на располагање редица мерки за обезбедување на присуството на обвинетите. Во Законот за кривична постапка предвидени се покана, мерки на претпазливост, гаранција, приведување, лишување од слобода…Адвокати потсетуваат дека Талески беше првиот градоначалник што беше приведен и помина три месеци во куќен притвор и покрај тоа што сигурно имаше и службени и приватни обврски, па оттаму потребата на еден од обвинетите да свири на концерти за време на судски процес, во најмала претставува непочитување и исмејување на судот на судот. Освен добра волја на судијката која уште од самиот почеток на процесот Транспортер веројатно не сака да биде наклеветена дека е дел од спрегата на СЈО, СДСМ и странските служби, второто саркастично објаснување зошто дозволила концертите на Молика да се поважни од интересот на државата, е можноста да е нивни фан.

Од Специјалното јавно обвинителство вчера најавија дека ќе ја преиспитаат одлуката да не бараат мерки за обезбедување на присуство на судењата за дел од обвинетите, меѓу кои и фронтменот на групата Молика.

За несериозноста на дел од обвинетите во случајот Транспортер говорат и натегањата на вчерашното неуспешно рочиште на кое проблем да се утврдат датуми за судењето претставувале и љубоморни сопруги, други судења на кои требало да им се даде приоритет, па и салата на Основниот суд Скопје 1 која била мала и бранителите немале услови за работа. Во атмосфера која и прилега на македонското судство, процесот Транспортер ја очекува третата среќа за почеток. Во него, осомничени се поранешниот градоначалник Владимир Талески и дваесетина негови соработници за штета на општинскиот буџет од над 360.000 евра, односно осум и пол пати поголема од нечии приватни 50.000 долари.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели