Иванов: Единствен начин како трајно да се надмине политичката криза е да се надмине моралната криза

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
„Денешниот ден е посветен на најискусниот и најпросветениот ученик на светите Кирил и Методиј, а тоа е нашиот голем народен светител и просветител – Свети Климент Охридски. Поаѓајќи од неговата длабока вера во Господ Исус Христос, Св. Климент неуморно работел на образовно, морално, етичко и духовно издигнување на народот на Македонија. Не давајќи им сон на своите очи, тој кај луѓето ги всадил позитивните навики на срцето – солидарноста, трудољубивоста, гостопримливоста, трпението, милоста. Овие навики кои станале дел од колективниот карактер на народот, ни помогнале не само да ги пребродиме бурите на историјата, туку и да изградиме автентичен македонски модел на соживот и почитување на различноста“, пишува во честитката.
Во изминативе години исполнети со политички кризи, додава Иванов, за жал, дел од овие навики паднаа во заборав. „Во основата на сите кризи е моралната криза. Единствен начин како трајно да се надмине политичката, е, пред сè, да се надмине моралната криза на нашето општество, преку враќање кон трајните морални и етички вредности и принципи кои пред повеќе од 11 века ни ги пренел Св. Климент Охридски. Така ќе успееме да изградиме хумано и праведно македонско мултиетничко и мултирелигиско општество“, пишува во честитката.
Извор: Макфакс

Powered by WPeMatico

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели