Градоначалникот на Куманово започнува со мерки за намалување на загаденоста

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска најави дека општинската комунална инспекција на терен ќе утврдува кој загадува и ќе презема соодветни мерки.
– Преку надлежните општински служби ќе ги лоцираме загадувачите на територијата на нашата општина и воедно сите оние кои во гаражите, механичарските работилници и други објекти користат веќе употребено моторно масло за согорување и затоплување на самите објекти кои се енормни загадувачи, изјави Димитриевски.
Тој рече дека загадувањето ќе се решава со ширење на гасификационата мрежа и дислокација на автобуската станица на периферијата во градот, со цел да се намали сообраќајот на автобуси во центарот на Куманово.
Димитриевски напомена дека Куманово е проектирано за 8.000 возила, а нивната бројка во моментов изнесува повеќе од 27.000, а како што кажа голем дел од нив не ги исполнуваат стандардите.
– Во Куманово гори и согорува кој што ќе стигне, а тоа е резултат на социо-еконосмката состојба на граѓаните, општината има план и стратегија за справување на загаденоста со воздухот, изјави Димитриевски.
Тој додаде дека загадувањето во градот произлегува од користење на возила кои не исполнуваат еколошки стандарди, што се должи на социо-економската состојба во градот.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели