Гостување на  Дубровачки музи  во Битола

 

Музејот во Битола денеска беше домаќин на гости од Етнографскиот музеј во Дубровник кои имаа стручни  презентации за културното наследство на Македонија. Акцентот беше ставен на народен вез од ретки примероци од македонска народна носија ,  кои се чуваат во овој музеј, како и на велигденски обичаи од дубровачкиот  крај.  Од заедничката соработка на музеите од двете земји треба да произлезе изложба  и каталог од стручните истражувања на тимовите.

 

„Нематеријалното  културно наследство  е живо културно наследство  и тоа го нема без луѓето, тоа е суштинско за идентитетот на еден народ“, истакна Ивица Кипре одговорен за меѓународна соработка од Етнографскиот Дубровачки музеј во Р. Хрватска  на денешниот настан што се одржа во музејот во Битола посветен токму на културното наследство на двете земји.

Денешниот настан означува почеток на една соработка меѓу Музејот во Битола и Етнографскиот Музеј од Дубровник Хрватска во кој се наоѓаат облековни предмети од македонска народна носија што не може да се најдат ниту во музеите во Македонија. Иницијативата доаѓа од Наде Геневска Брачиќ виш кустос , вработена во Музејот во Битола , по нејзиното гостување на една конференција во Дубровник. Целта на заедничката соработка е да се проучат расположливите предмети во Етнографскиот музеј и да се организира изложба која би била поместена во Дубровачкиот музеј, а потоа и во битолскиот музеј.

Хрватска има многу направено по однос на заштитата на културното наследство и на овој начин сакаме да и  дадеме поддршка на Македонија повеќе да работи на заштитата на нематеријалното културно наследство, посочи Ивица Кипре изразувајќи надеж дека министерствата од двете држави ќе дадат соодветна поддршка.

 

„Се надевам дека изложбата во 2019 година ќе ја добие потребната поддршка  од страна на министерството во Хрватска и Министерството во Македонија и дека ќе остане една вечна трага на  богатството  од културната традиција на Македонците , која како што знаеме  се наоѓа во голем број на музеи. Насекаде тие парчиња се расфрлани, а тој каталог би требало да го презентира тоа богатство“.

 

Гостите од Етнографскиот музеј денеска пред присутните го презентираа нивното истражување за македонското културно богатство. Станува збор за архива околу 1000 ретки примероци што Јелка Миш ги собрала од овие простори  во времето меѓу двете Светски војни, појасни Бранка Хајдиќ кустос во Етнографскиот музеј.

 

„После повеќе од половина век, повторно на еден стручен начин ќе го презентираме  вашето културно богатство. Сметаме дека примероците кои ги имаме  се од 19 век и се многу ретки , бидејќи тогаш кога Јелка доаѓала , помеѓу двете Светски војни , уште тогаш исчезнале од теренот. Затоа нивната вредност е многу голема “.

На денешната презентација  кустосот Лана Милошевиќ Ѓерек претстави дел од Велигденските  обичаи  во Хрватска .

 

„Акцентот е ставен на „писаниците“ тоа се јајца кои се украсуваат за Велигден. Тоа е, како што рече колегата, една жива традиција која долго трае.“

Покрај  велигденските обичаи гостите денеска презентираа и Претхристијански елементи во обичаите на дубровачкиот крај.

 

 

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели