Ѓорчев: Протестот е откажан поради одлуката за домашен притвор на Темелко

Поради ослободувањето, односно домашниот притвор за Едмонд Темелко, денешниот протест кој што беше најавен за 19 часот се откажува, изјави на прес-конференција, Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ и најави протест за 3-ти декември, со почеток во 18 часот.
„На Едмонд Темелко ќе му честитаме и ќе му посакаме добро здравје. Но продолжува и неговата борба за слобода. Продолжува и борбата за слобода на заробената држава Македонија во која што царува мафијата, во која што луѓе секојдневно се убиваат, во која што цели бизниси се рекетираат, во која што автомобилите секојдневно се палат.
Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ најавува граѓански протест за правда и правдини кој што ќе се одржи на 3-ти декември во недела во 18 часот“, изјави Ѓорчев.
Изрази благодарност до, како што рече, илјадниците луѓе кои што биле подготвени да дојдат на денешниот протест за ослободување на Едмонд Темелко.
„Но борбата против неправдата не сопира тука. Ова денес како резултат на најавениот протест на ВМРО-ДПМНЕ е само почеток. Нашата борба продолжува и затоа наредните денови граѓаните на Република Македонија ќе имаат можност своето несогласување со неправдите“, рече Ѓорчев.
Претходно дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, на своите Фејсбук профили најавија дека освен за Темелко, партијата ќе протестира и за Законот за двојазичност и Договорот за добрососедство со Бугарија. /Е.Т.
 
Извор: Макфакс

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели