Георгиевски: Обезбедивме чиста вода за пиење за жителите на Раштак

Целиот водоводен систем во Раштак каде што изминатите години имаше недостиг на вода, е во исправна состојба. Функционална е секундарната мрежа. Примарниот дел кој се снабдува од реката која се наоѓа во близина на селото и сите каптажи вклучувајќи го и резервоарот од 120 метри кубни се комплетно исправни, што значи Раштак веќе од утре ќе се снабдува со чиста вода за пиење, изјави денеска градоначалникот на општина Гази Баба Борче Георгиевски.
Најави дека за Раштак се предвидува нов зафат, кој ќе се одвива од местото викано Калеш Мара, при што наместо досегашните три литри во секунда ќе се обезбедат дополнителни 10 литри во секунда. Со тоа, рече Георгиевски, ќе се обезбеди чиста вода за пиење за 150 домаќинства.
– Ќе продолжиме со истото темпо и во останатите населени места кои немаат доволно вода, следен чекор е да обезбедиме чиста вода за пиење во Булачани и Страчинци, рече Георгиевски при посетата на Раштак.
Посочи дека првиот дел на водоснабдителниот сисетм во Раштак е изграден во 1972 година, но поради застарената секундарна мрежа, заради капацитетите и зголемување на селото и изградбата на викенд куќите, се создал проблем, кој, како што рече, веќе е надминат.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели