ЕУ во силна едногодишна битка за безбедност на своите граѓани

Европската комисија денеска ги објави преземените дејствија откако претседателот на истата, Жан-Клод Јункер во неговиот говор за состојбата во Европската унија минатата година потенцираше дека за Брисел е од највисока важност подобрувањето на безбедноста на надворешната граница на ЕУ, подобрување во размената на информации меѓу земјите-членки, затворање на просторот каде терористите функционираат и спречување на радикализација.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, една година подоцна, Комисијата ги објави сите приоритети поврзани со безбедноста, што беа утврдени од претседателот Јункер во неговиот Десетти извештај за напредокот на безбедноста, кој исто така го зема предвид напредокот постигнат врз други безбедносни области и очекувањата од континуираната работа во наредните 12 месеци.

Според еврокомесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, изминатата година се направени големи чекори за да се изгради вистинска безбедносна унија.

Сепак, според него, нападите од минатиот месец покажале дека сѐ уште треба да се направи многу за да се обезбеди безбедноста на граѓаните на Европската унија.

Комесарот за Безбедносна унија, Џулијан Кинг, пак, посочи дека ЕУ го намалува просторот во кој терористите можат да работат со тоа што им отежнува да патуваат, да тренираат, да добијат пари, оружје и експлозиви.

Според Кинг, Унијата ги направи своите надворешни граници посигурни и подобри, а размената на информации за терористите и другите криминалци е интензивирана со интернет-компаниите и локалните заедници со цел справување со радикализацијата.

– Но, останува уште многу да се направи, бидејќи неодамнешните напади повторно трагично не потсетија, а и нашите граѓани бараат да ги заштитиме и да ја зајакнеме нивната безбедност, заедничкото работење, како и дека треба да ги исполниме обврските што ги презедовме, изјави еврокомесарот Кинг.

Имено, Еврокомисијата ги поддржа земјите-членки во нивните напори во текот на изминатата година во два главни столба: справување со тероризмот и организираниот криминал и средствата што ги поддржуваат, како и зајакнување на европската одбрана и градење отпорност кон овие закани.

Во однос на подобрување на безбедноста на надворешната граница на Европската унија, сега се воспоставени систематски проверки преку базите на податоци за безбедноста на сите патници, вклучувајќи ги и граѓаните на ЕУ, кои ги преминуваат надворешните граници.

Постигнат е политички договор за Системот за влез/излез од и во ЕУ, кој ќе ги регистрира податоците за влез и излез на државјани кои не се членки на ЕУ, кога тие ги преминуваат надворешните граници на Унијата.

Исто така, во тек е и работа за воспоставување на Европски систем за информации и овластувања за патување (ЕТИАС) за спроведување на безбедносни проверки на оние кои патуваат без визи во Европа пред да стигнат до нашите граници, што ги вклучува и граѓаните на Република Македонија. Истиот се очекува да стартува со работа во 2020 година.

Европската комисија предложи легислатива за зајакнување на Шенгенскиот информатички систем (СИС) како најуспешна алатка за спроведување на правото на ЕУ.

За да се одговори на недостатоците во управувањето со податоците на Унијата, Комисијата презентираше предлози за размена на казнената евиденција на државјани на трети земји преку Европскиот информативен систем за криминални досиеја (ЕКРИС).

А, неформалната Владата на Европската унија, презентираше и нов пристап за постигнување интероперабилност на информациските системи на ЕУ за границите и безбедноста, при што новата регулатива на Европол влезе во сила во мај, обезбедувајќи алатката да стане поефикасна и одговорна.

Според Еврокомисијата, Директивата за борба против тероризмот ги криминализира актите како што се финансирање на тероризам, обука или патување во терористички цели, покрај зајакнување на правата на жртвите на тероризмот.

Ревидираната Директива за огнено оружје е усвоена со цел подобро да се контролира купувањето и поседувањето оружје и да се спречат криминалците и терористите да пристапат до најопасните воени оружја.

Исто така, Комисијата ја засили борбата против недозволената трговија со огнено оружје, особено на Западниот Балкан и започна ревизија на Регулативата на ЕУ за прекурсори на експлозиви, за зајакнување на ограничувањата и контролите на супстанциите што може да се користат за производство на експлозиви од дома.

За да се справи со финансирањето на тероризмот, Комисијата достави три предлози за комплетирање на законската рамка за перење пари, незаконски парични текови и замрзнување и конфискација на средства.

Во однос на мерките за спречување на радикализацијата, Комисијата продолжи со работа со интернет-платформи преку Интернет-форумот на ЕУ за намалување на пристапот до терористички содржини и започна со програмата за јакнење на граѓанското општество за промовирање на онлајн-алтернативни наративи.

Единицата за упатување на Интернет во Европол обележа 35.000 ставки на терористички содржини што се објавени онлајн во изминатите 2 години, при што 80 до 90 проценти се отстранети.

Европската комисија продолжи да ја поддржува превенцијата и контрарадикализацијата на национално и локално ниво, особено преку Мрежата за свесност за радикализација (РАН) и преку формирање Експертска група на високо ниво за спречување на радикализација.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели