Дискавери и Еуроспорт биле поскапи и малку гледани

Неофицијално дознаваме дека новиот договор кој им бил понуден на операторите бил за 30 отсто поскап од претходните години, што било одлучувачки.

Поскапување на пакетите како и малата гледаност на каналите Дискавери и Еуроспорт биле клучни фактори за одлуката телекомунициските оператори да не ги потпишат новите договори за пренесување на овие канали.

Неофицијално дознаваме дека новиот договор кој им бил понуден на операторите бил за 30 отсто поскап од претходните години, па операторите одлучиле да ги заштитат своите клиенти од зголемување на сметките.

Како што дознаваме, операторите побарале овие канали да ги нудат само на корисниците кои сакаат да платат повисока цена, но компанијата која ги нуди двата канала била изрична дека сака да можат да ги гледаат сите корисници на телевизиските пакети.

Анализата која ја направиле оператирите, меѓутоа говори дека гледаноста на овие два канали во земјава е минимална и доколку се одлучело да се продолжи договорот, повисоката цена би требало да ја платат сите корисници на телевизиските пакети, што во крајна линија би значело и можност за откажување на договорите.

Операторите во меѓувреме како замена на двата канали понудија нови канали и содржини кои според нив имале многу повисока гледаност.

Операторите најавуваат и нови понуди за своите корисници.

Од 1 јануари двата телекомуникациски оператори кои нудат и телевизиски пакети не ги продолжија договорите за каналите Дискавери и Еуроспорт што предизвика реакција на корисниците кои ги гледаат овие канали.

До медиумите се обратија и Дискавери и Еуроспорт преку својата хрватска ПР-служба. Тие соопштија дека се разочарани што македонските оператори ги укинале Дискавери каналот, ТЛЦ, ИД, и Еуроспорт 1 и 2.

Реагираше и регулаторот на телекомуникациите Агенцијата за електронски комуникации, која соопшти дека сите корисници кои се незадоволни од постапката на телекомуникациските оператори можат да ги прекинат договорите без да платат пенали за тоа. Но и покрај ваквата опција мал број на корисници на телевизиските пакети на двата оператори побарале прекинување на договорите.

Последните податоци говорат дека само 50 корисници побарале раскинување на договорите.

Извор: Плус Инфо

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели