Димитров учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Виена

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествува на 24. Министерски совет на ОБСЕ, кој се одржува денеска и утре во Виена, Австрија.
На Министерскиот совет денеска се дискутираше за активностите на ОБСЕ, актуелните предизвици со кои се соочува ОБСЕ регионот, како и за модалитетите за поефикасно справување со овие предизвици.

„Како држави учеснички на ОБСЕ имаме одговорност да направиме повеќе напори со цел да го направиме ОБСЕ поефикасно при справување со предизвиците. Истовремено, треба да соработуваме и да ја имаме пред нас во вид повисoката цел. Но пред сè, како што и Македонија научи на потешкиот начин, преку сопствената неодамнешна политичка криза, не смее да има поинаква алтернатива на нашите заеднички вредности: заштита на човековите права, основните слободи и демократските норми, економска слобода и одговорност. Вредности кои се од бенефит и за македонската демократија, како и за патот кон кој сме цврсто посветени – европска и евро-атлантска интеграција“, рече Димитров.
На маргините на состанокот, министерот оствари повеќе билатерални средби и куси видувања со претставници на ОБСЕ, како и со свои колеги и останати шефови на делегации.
Воедно министерот Димитров зема учество и на панел организиран и воден од страна на генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, посветен на улогата, перцепцијата и иднината на теренските операции на ОБСЕ, на кој беа претставени две успешни приказни – македонската и молдавската. Министерот Димитров во своето обраќање на панелот нагласи дека треба да се ослободиме од стигмата и поврзувањето на присуството на ОБСЕ мисија во земјата со кризи и потешкотии, и наместо тоа да се фокусираме на позитивните можности за соработка преку релевантни проекти од помош за земјата.
Извор: Макфакс

Powered by WPeMatico

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели