ДИК: Увид во Избирачкиот список во канцелариите на ДИК извршиле 21.594 граѓани

Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), заклучно со вчера, кога заврши јавниот увид во Избирачкиот список, увид извршиле вкупно 21.594 граѓани, информираше денеска на прес-конференција Љупка Гугучевска од ДИК.

– Во овој период донесени се 65 решенија за запишување во Избирачкиот список, 22 решенија за бришење и 133 решенија за промени на податоци во Избирачкиот список. На електронската апликација Избирачки список во овој период извршени се 203.191 проверка, соопшти Гугучевска и појасни дека во рок од пет дена ДИК ќе го достави Избирачкиот список на увид на политичките партии.

Информира дека политичките партии во рок од пет дена од добивањето на Избирачкиот список, односно најдоцна до 19 септември, ќе можат до ДИК да поднесат барања за запишување, бришење или промени на податоци, а пак по овие барања ДИК ќе одлучи во рок од три дена.

Избирачкиот список во кој се вклучени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК ќе го заклучи најдоцна до 24 септември.

Од ДИК потсетија дека рокот за поднесување на листи на кандидати за градоначалници и членови на советите истекува на 14 септември во 24 часот. Листите се поднесуваат до надлежните општински изборни комисии.

На веб страницата на ДИК достапно е известувањето за потребните документи кои подносителите треба да ги достават во прилог на листите.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели