Џафери се сретна со американските конгресмени Питинџер, Адерхолд и Трот

Во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари поединечни средби со конгресмените Роберт Питинџер, Роберт Адерхолд и Дејв Трот.
Питинџер, којшто воедно е и домаќин на Парламентарно безбедносниот Форум, на почетокот на средбата истакна дека е почестен што претседателот Џафери ја прифати поканата за учество на овој значаен собир којшто е продолжение на форумот од јуни 2017 година во Рига. Во тој контекст, помеѓу другото, Џафери го информираше конгресменот за законските измени со кои што се санкционира учеството на наши граѓани во странски воени формации. Соговорниците констатираа дека Соединетите Американски Држави и Република Македонија се наоѓаат на иста страна во борбата против тероризмот во светот. Владеењето на правото, слободата на говорот и независноста на институциите се основен фундамент за градење на здраво демократско општество интегрирано во НАТО и ЕУ.
За време на средбата, конгресменот Адерхолд, кој е член на американската конгресна група пријатели на Македонија, се интересираше за општиот политички дискурс по трансферот на власта. Џафери детално му ја претстави севкупната ситуација и приоритетите на Македонија во однос на исполнувањето на неопходните реформски процеси. Притоа, претседателот на Собранието истакна дека евроатланските вредности мора да се вградат во ткивото на општествениот живот во Република Македонија, бидејќи тоа е за доброто и благосостојбата на граѓаните.
Третата средба во Конгресот беше со копретседавачот со конгресната група пријатели на Македонија, г. Дејв Трот, кој неодамна ја посети Република Македонија во рамките на неговата европска турнеа. Во однос на полноправното членство на Македонија во НАТО, конгресменот Трот истакна дека конгресната група на пријатели на Македонија ќе продолжи да дава поддршка со сите средства и начини кои ги има на располагање.
Сите соговорници се согласија дека овие искрени и пријателски средби придонесуваат во зајакнувањето на соработката на Република Македонија со САД на парламентарно ниво.
Извор: Макфакс

Powered by WPeMatico

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели