Девајн: Македонија има добар закон за заштита на укажувачи, потребно е воспоставување структура за да даде резултат

Директорот за правни работи во проектот за владина одговорност од Вашингтон, Том Девајн смета дека Македонија има еден од подобрите закони за заштита на укажувачите (свиркачите) во Европа, но потребни се значителни законски законски измени и воспоставување на соодветна структура за тој да почне да дава резултати.
Ова го кажа Девајн денеска на предавањето на тема „Улогата на медиумите во развој на ‘јавниот имиџ на укажувањето’“ во организација на Здужението на новинари на Македонија.
– Еден од првите чекори кои треба да се преземат во насока на исполнување на овие цели е Министерството и другите државни институции што имаат какви било надлежности во однос на имплементацијата на овој Закон да ја воспостават неопходната структура и систем за функционирање на Законот во пракса. Потоа мора да се обезбеди соодветна обука за вработените, за нивните раководители и за судиите кои би постапувале по такви предмети. И трето и најважно е да се обезбеди јавна кампања, односно целото население да се запознае со Законот и заштитата што тој ја нуди, вели Девајн кој од 1979 година досега има работено во заштита на над 7.000 свиркачи во и надвор од САД.
Тој посочи дека таквиот закон во САД постои долго време, но дека биле потребни децении за остварување на позитивни резултати и смета дека во Македонија може многу поскоро да се остварат резултати доколку сите ја завршат својата задача, за што е потребна напорна работа.
Како пример на добро функционирање на Закон за свиркачи тој ја посочува Србија каде законот е донесен пред 1,5 година и каде што е спроведена обука за сите заинтересирани страни како и силна кампања за запознавање на населението со Законот и можностите што тој ги нуди, односно да се обезбеди знаење за законот и луѓето да бидат спремни да укажуваат, односно да посочуваат на корупција и криминал.
– Фактите се дека во Србија само во првите шест месеци од примената на Законот има десетици и десетици успешни случаи за разлика од Америка каде што во првите десет години од примената на Законот таквите случаи може да се избројат на прстите на една рака, вели американскиот експерт за заштита на свиркачи.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани истакна дека Македонија го донесе Законот за укажувачи во 2016 година, но тој не е во согласност со меѓународните стандарди и речиси и не се спроведува оти, како што вели, системот се плаши од транспарентност и отчетност. Тој посочува дека суштински слабости кај Законот се начинот на пријавување на криминалот и казнувањето на лицата што ќе го откријат идентитетот на укажувачите
– Кај нас укажувачите наводите за криминал прво треба да ги пријават во институцијата каде работат, до Јавното обвинителство и полицијата, а ако тие не преземат ништо тогаш имаат право тие наводи да ги презентираат во јавноста. Во светот е обратно, укажувачите имаат право директно да ги пријавуваат злоупотребите на јавноста од институциите. Вториот пропуст е казните за лицата што ќе откријат идентитет на укажувач се многу ниски и практично укажувачите со вакви ниски казни се незаштитени, вели Селмани.
Според изнесениот податок на предавањето во Македонија од донесувањето на Законот за укажувачи досега нема ниту еден предмет покренат пред судовите во врска со укажувачи.
Заштитеното пријавување во смисла на Законот за заштита на укажувачите се дефинира како пријавување со кое, во согласност со овој закон, се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или дека е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување, со кое се повредува или се загрозува јавниот интерес.
Јавниот интерес при тоа се дефинира како заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели