Детски едукативни инсталации поставени на три локации во Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов од Средно Водно ги промовираше поставените детски едукативни инсталации наменети за најмладите. Од Град Скопје велат дека инсталациите се со цел подигање на еколошката и културна свест на најмладите, а истите се поставени на три локации, во паркот „Македонија“, во Градскиот парк и на Средно Водно.
„Овие инсталации како објекти во јавен простор со високи естетски вредности очекуваме да придонесат кон подобрување на културните навики кај децата и нивниот однос кон јавните добра и површини. Нашите заложби се здрава животна средина и чист простор за спорт и рекреација. Денеска го ослободивме Водно од возилата. Во согласност со забраната за движење возила до Средно Водно за време на викендите и државните празници која започна денеска, тука пристигнавме користејќи го јавниот автобуски превоз којшто на почетокот е бесплатен за време на забраната. Обезбедивме и бесплатен паркинг за возилата во непосредна близина на почетните автобуски постојки. Дополнително, потенцирам дека оваа мерка не го решава проблемот со загадувањето на воздухот. Оваа мерка има за цел заштита на природните убавини на Водно, повеќе простор и почист простор за одмор, спорт и рекреација“ рече Шилегов.
Градот Скопје од денеска воведе забрана за движење возила на патот до Средно Водно која ќе важи секој викенд и за време на државните празници, и тоа во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.
Истовремено беа воведени в нови пробни автобуски линии што сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите се полнат со патници на почетната станица и возат без застанување до Средно Водно. Едната автобуска линија тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј, а втората тргнува од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат). Покрај новите пробни автобуски линии, граѓаните можат непречено да ја користат и постојната автобуска линија – линијата со број 25 до Средно Водно.
 
Извор: Макфакс

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели