Дескоска: Изработката на нови учебници ќе биде една од најзначајните инвестиции за 2018

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, денеска го презентираше предлог-буџетот на Министерството за образование и наука за 2018 година.
Истакна дека вкупниот буџет за следната година изнесува 25.002.838.000 денари, односно 406.555.211 евра, што претставува зголемување од 5% во споредба со лани. На истиот се гледа како на развоен буџет, со кој ќе се инвестира во квалитетот на образованието и ќе се обезбедат подобри услови.
Дескоска истакна дека од аспект на најзначајните политики на Министерството за образование и наука, буџетот содржи неколку клучни подобрувања.
„Средствата кои ги пренесуваме на единиците за локална самоуправа за основното и средното образование, се значително зголемени во однос на минатата година. Со тоа, ќе обезбедиме повеќе средства за подобри услови во училиштата, а предвидени се и нови вработувања согласно реалните потреби. За оваа цел има зголемување од 4.62% во однос на 2017 година или дополнителни 600 милиони денари повеќе“, рече министерката.
Како најзначајна инвестиција во делот на основното и средното образование, Дескоска ги посочи предвидените средства за изготвување на нови и квалитетни учебници, а нагласи дека со буџетот за 2018 година ќе се унапреди и статусот на наставниците при што сите вработени во основното и средното образование ќе добијат зголемување на платите за 5%.
„Во однос на новите учебници треба да се има предвид дека пишувањето е сериозен и долг процес. Затоа сакам да најавам дека предност во процесот ќе му дадеме на квалитетот, а не на времето за изработката на учебниците“, нагласи Дескоска.
Околу 45% од планираните средства од вкупниот буџет на МОН, се предвидени за финансирање на потребите на основното образование. За високото образование се наменети 26% од буџетот на МОН, за средното образование се предвидени околу 19% од буџетот, за ученички и студентски стандард 6%, додека пак за наука и научните институти се предвидени 2% од буџетот. За администрацијата се одвојуваат околу 1,8%, и 1 процент се однесува на останатите проекти.
За капитални инвестиции во образованието, во буџетот за 2018 има предвидено вкупно 2.140.024.000 милиони денари. Од нив, за изградба и реконструкција на основни и средни училишта се обезбедуваат 282.600.000 денари.
Посебен фокус ќе биде ставен и на подигнувањето на квалитетот на високото образование. Во 2017 година, основниот буџет за високото образование изнесувал 2.553.668.000, а за 2018 година се предвидува зголемување од половина милијарда денари, потенцираше министерката.
Извор: Макфакс

Powered by WPeMatico

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели