Бадникова поворка низ битолските улици

Голем број деца, а помеѓу нив и родители, чекорејќи во Бадниковата поворка, покрај Божиќната пештера и ѕвездите, пеејќи ја прекрасната божикна песна „Вечниот Бог“, денес во Битола радосно го наговестуваа Христовото раѓање. Големата коледарска дружина, пред зградата на општина Битола, со пригодни подароци, ја пречека градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

„Денес е големиот празник Бадник, ден пред големиот значен, христијански празник – Божик. Особено ми е важно, што во оваа прилика низ детските насмевки што ги гледам и сјајот во нивните очи, уште еднаш се потсетуваме, како возрасни, дека топлината во нашите срца, љубовта едни кон други, е всушност најзначајниот сегмент од нашето живеење и дека, токму тоа е она што треба да го носиме во текот на целата година, зошто само на таков начин, ќе умееме едни кон други да изградиме доверба и да направиме сите заедно за нас да биде подобро, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Бадниковата поворка продолжи низ Широк Сокак, а потоа во Храмот Свети Великомаченик Димитриј.

ТВ Орбис - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Сподели