ZTE спрема Axon M смартфон со два дисплеи на преклоп

Додека чекаме Samsung да го претстави првиот телефон со дисплеј кој ќе може да се превитка, ZTE ќе ни излезе во пресрет со едно слично решение. Имено, тие спремаат смартфон со два дисплеи, кои кога ќе се отворат оформуваат еден прилично голем „таблет“.

Ова решение ZTE веќе го патентираше и дури и најави промоција на телефонот од моделската линија Axon, што е веројатно желба на кинескиот производител да украде неколку купувачи пред вистинските свитливи смартфони да пристигнат на пазарот.

Ваквиот смартфон на ZTE сепак би имал неколку сериозни недостатоци, од кои најголемиот е што меѓу двата екрани ќе има црна линија, што значи дека може да се збогувате со гледање видео, освен ако не ви пречи да биде пресечено на половина, а телефонот би бил и претерано дебел кога ќе биде преклопен.

Всушност, вакво решение имаме видено пред околу 6 години и тоа од јапонската Kyocera, смартфон кој супер брзо беше повлечен од пазарот поради неуспехот. И разликата меѓу двата модели, барем по тоа што можеме да го видиме на патентот не е ниту премногу голема – на пример, дури и Kyocera Echo (на фотографијата) можеше да работи со две апликации одеднаш уште во 2011 година.

Како и да е, моделот на ZTE барем ќе биде доволно моќен – ќе има Snapdragon 820 процесор, 4 GB рам, иако дискутабилна е батеријата од 3.120 mAh. Двата дисплеи инаку ќе имаат Full HD резолуција, кои кога ќе се рашират ќе оформат 6,8 инчен дисплеј, што е одлична вест, но истото не важи и за цената од 650 долари, која и покрај двата екрани, делува превисоко за еден кинески телефон.

Официјалната промоција на ZTE Axon M ќе се случи на 17 октомври во Њујорк.

Извор – http://www.smartportal.mk/

Сподели