Загрозено најстарото и најдлабокото езеро во светот, најлоша криза од неговото создавање

 

Бајкалско Езеро, најстарото во светот, минува низ една од најголемите кризи во својата 25 милиони години долга историја поради загадување на водата со фосфати, ширењето на алгите, претераниот риболов и климатските промени, предупредуваат експертите.

Воедно и најдлабокото во светот со 1.700 метри длабочина, Бајкалско Езеро содржи дури 20 отсто од слатката несмрзната вода на планетата и е „исклучително вредно за проучување на еволуцијата“, оцени УНЕСКО (организацијата на ОН за наука, култура и образование), кога сибирското езеро во 1996 година го вклучи во листата на светското наследство.

За биоразновидноста зборува и податокот што во водите и на бреговите на Бајкал живеат речиси 3.600 растителни и животински видови кои речиси 80 отсто се ендемски, но се изложени на сѐ поголеми негативни влијанија.

Омул, типичната бајкалска рива (Coregonus migratorius од семејството лосос), е загрозена од алгите кои загрижувачки се шират, а неколку видови сунѓери веќе исчезнале. На почетокот на октомври руската влада го забрани извозот на омулот.

„Биолошката маса на омулот е повеќе од преполовена и во задните 15 години и падна од 25 милиони тони на само десет тони“, соопшти руската агенција за риболов.

Анатолиј Мамонтов, биолог од регионот, истакнува дека причините се претераниот лов и ловокрадците и климатските промени. „Поради сушата се смалува длабочината на реките кои се влеваат во езерото, површината на Бајкалот се зголемува, а омулот не сака топли зими“, вели тој.

Во септември УНЕСКО изрази загриженост поради катастрофалното ширење на алгата спирогира која ги прекрива песочните плажи на езерото создавајќи густ зелен тепих.

„Уверен сум 150 отсто дека причина за тоа е загадувањето со отпадни води од селата и градовите на бреговите на Бајкалот, пред се со детергенти кои содржат фосфати“, вели Олег Тимошкин, биолог од Институтот за лимнологија во Иркутск, Сибир.

Системот за прочистување на отпадните води е застарен, а во некои села и не постои, предупредува Тимошкин. Објаснува дека до пред 15 години живописните села на бреговите на Бајкалско Езеро имале струја само два часа на ден, а денес секоја „бабушка им изнајмува соби на туристите и има машина за перење“.

Тимошкин го проучил целото езеро за да го истражи ширењето на алгите и идентификувал три критични зони во близина на градовите во кои алгите ги уништиле мекотелите и раковите, видовите кои сакаат кислород.

Ако не сопре излевањето на загадени води во езерото, крајбрежната зона „радикално ќе се смени“, предупредува научникот и бара забрана на употребата на материи кои содржат фосфати токму во таа зона на „најдобрите станици за прочистување на водите во Русија“.

Во август рускиот претседател Владимир Путин го осуди „екстремното загадување“ на Бајкалот. Специјален закон од 1999 предвидува низа мерки за заштита на езерата и владата вети дека ќе уплати 26 милијарди рубљи (383 милиони евра) во програмата за прочистување на отпадните води почната во 2012. Но локалните експерти тврдат дека голем дел од парите залудно се трошат.

Во градот Бабушкин на бреговите на Бајкалот милиони долари се потрошени на пречистителна станица, но бактериите кои треба да ја прочистуваат водата не можат да функционираат во студот на сибирската зима.

„Парите се дадени, но се украдени“, тврди екологот Сергеј Шапхаев.

Опаѓа и финансирањето на научните истражувања, и тоа токму сега кога е исклучително важно да се истражува Бајкалско Езеро за да се зачува, истакнуваат и Мамонтов и Тимошкин, кој тоа сликовите го опишува: „Тоа ви е отприлика како да отпуштате епидемиолози додека трае епидемија на сипаници“.

извор: МКД

Сподели