ВИДЕО: „Македонска селска гајда“ е првенчето на Петар Ангелевски

“Македонска селска гајда” е насловот на првото оро на младиот гајдаџија Петар Ангелевски. Тој викендов во демирхисарскиот крај снимаше видео запис за неговото првенче, во соработка со ИН Продукција.

Од 14-годишна возраст ја негува гајдата. Покрај овој традиционален дувачки инструмент, младиот Петар Ангелевски изучува зурла и кларинет.

Петар Ангелевски уште од 14-годишна возраст ја негува гајдата. Тој веќе долги години е играорец и член на КУД „Илинден“ Битола и имал можност да се запознае со повеќе дувачки инструменти, но вели дека од сите нив најмногу ја засакал гајдата.

„Јас сум играорец веќе 10 години, но кога ќе те влечи нешто одвнатре неможиш да го одбиеш. Покрај сите дувачки инструменти најмногу ме влечеше гајдата, баш сакав да ја научам и сеуште ја учам“, вели Ангелевски.

Младиот гајдаџија ни откри дека пред извесно време си набавил и зурла, која ја изучува во моментов, а има и кларинет.

„Па моментално се учам да свирам на зурлата која ја купив од Љубен Јуртоски од Прилеп, кој е добар мајстор, а исто и гајдата ми е од кај него купена. Пред неколку месеци зедов и кларинет, па се трудам некако да ги совладам тие дувачки инструменти“, додава Петар.

Со оглед на тоа што гајдата е еден од најбараните македонски традиционални дувачки инструменти, Петар додава дека е доста баран на семејни веселби и свадби насекаде низ Македонија.

Сподели