Тесла забележа досега најголема квартална загуба

Според деловниот извештај, компанијата „Тесла“ во изминатиот квартал забележа нето загуба од 619,4 милиони долари, во однос на добивката од 21,9 милиони долари во истиот период лани.
Минатиот месец, Тесла информираше дека во треторо тромесечје испорачала 26.150 возила, што е зголемување од 4,5 проценти, во однос на истиот период лани, но порача дека „тесните грла“ во производството, го оневозможиле планираното темпо на производство на новиот Модел 3.
Во деловниот извештај се наведува дека планираниот обем на производство на тој автомобил е поместен за околу три месеци, и дека иако е отстранет проблемот со „тесните грла“, тешко е да се предвиди колку време ќе биде потребно за санирање на сите проблеми во производството.
Главна пречка, со која компанијата сега се соочува, се однесува на линијата за производство на батерии и неопходно е да се редизајнира дел од производствениот процес.
Поради овие проблеми, компанијата во третото тромесечје наместо планираните над 1.500, произвела само 260 Модели 3.
Долгорочната одржливост на компанијата зависи од Моделот 3 за широкиот пазар, чија почетна цена изнесува 35.000 долари, речиси двојно помалку од водечкиот Модел С.

Сподели