Тантуровски: За еден месец сите анкетните листови ќе бидат во базата на Антикорупциска

За еден месец би можело да се очекува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да ги внесе сите анкетните листови за имотната состојба на функционерите чиј мандат заврши и на новите именувани и назначени лица во базата што јавноста може да ја види на нивната веб-страна. Претседателот на Антикорупциска Игор Тантуровски објаснува дека нивната служба работи секојдневно на внесување на податоци, но истакнува дека треба да се има предвид дека станува збор за голем број анкетни листови и мислења.

– Се работи за една бројка од околу 1.670 лица, значи толкав број разрешени и толкав би требало да биде бројот на именувани лица. Тоа секако е обемна работа имајќи предвид дека овој период во изборниот процес секојдневно работиме на издавање на мислења од државните и јавните институции во Република Македонија, а во секој изборен процес се издаваат приближно три и пол илјади мислења. Можете да замислете колку сме преблокирани со работа, вели Тантуровски во изјава за МИА.

Одреден број анкетни листови, додаде, јавноста веќе може да ги види преку системот односно базата поставена на веб-страната на Комисијата. Засега не може да каже колку функционери ги пробиле роковите за поднесување анкетни листови.

– Ние работиме континуирано на внесување на туѓи податоци што се поднесени кај нас независно дали се дојдени во рокот или по рокот. За оние што се доставени по рокот за тоа се предвидени санкции во Законот за спречување на корупција и тие од наша страна секогаш се почитуваат. Но, во одредениов момент неможам со сигурност да ви кажам бројка на доставени и на недоставени, изјави Тантуровски.

Доколку се утврди дека одредено лице доставило анкетен лист по законскиот рок или воопшто не доставило во законскиот рок после неговото разрешување или откако е именувано на функција, Антикорупциска за сите отвора нови предмети и одлучува, и како што посочува Тантуровски, ја гледа фактичката состојба и врз основа на тоа поднесува до надлежниот суд прекршочна пријава.

За потребите на базата на ДКСК на која можат да се најдат анкетните листови е изработен нов софтвер со што ќе се создаде можност за следење на поднесените анкетни листови по датуми и невидливост на на податоците. Но, за таа да биде ставена во функција, наведува Тантуровски, потребни се законски измени.

– Оваа база сега што ја гледа јавноста е воспоставена некаде во 2006 година и од тогаш до денес нема претрпено никакви измени. Увидени се и проблеми или недостатоци. Веќе е изработен софтвер со сите овие нови опции кои треба да ги содржи базата. Проблемот е што не можеме да го ставиме овој софтвер во функција поради тоа што треба да има законски измени, објаснува Тантуровски.

Овој нов софтвер ќе овозможи и електронско поднесување на анкетните листови што од една страна, како што истканува тој, и нас ќе ни заштеди многу работа, но ќе им заштеди и време на оние кои ги поднесуваат анкетните листови.

– Од наша страна веќе институциите ги имаат спремено овие законски измени кои ни се потребни за да можеме да ги ставиме во функција и ќе ги поднесеме во најскоро време до надлежните институции за да може да стапат на сила, а ние да можеме да продолжиме, посочи Тантуровски во изјава за МИА.

Сподели