Талески за едни татко, за друг очув

По нешто повеќе од два месеци од завршувањето на Битфест 2017-та, Општина Битола должи скоро 40.000 евра на правни и физички лица кои беа дел од најдолгото и најсодржајно културно лето во Македонија. Петнаесет добавувачи ги чекаат ветените средства. На некои од нив, дел од договорените суми им биле исплатени, а дел сеуште не виделе ниту денар од ангажманот на Битфест. Меѓу нив, пак, паѓаат во очи две национални установи од областа на културата – Универзитетската библиотека Св. Климент Охридски и Центарот за култура кои побаруваат од општината двеста, односно сто илјади денари. На Заводот и музеј од 450.000 илјади денари, исплатени се само 150.000 денари. Но, затоа, Талески не се двоумел за обврските кон својата матична куќа – Народниот театар и побарувањата во износ од еден и пол милион денари се исплатени. Тоа е и највисоката сума на побарувања за овогодинешниот Битфест и помеѓу фирмите и институциите и помеѓу поединците. Од фестивалот, со еден милион денари солидно се опарила и фирмата Ван груп, која според програмата на Битфест, на 3 јули во градскиот парк извела детска интерактивна куклена претстава Бабам битолски приказни. Од поголемите суми за Битфест 2017, околу 12,5 илјади евра инкасирала и фирмата Футура тим. На интернет страницата на Стопанската комора на Македонија стои дека се работи за маркетинг агенција. Новата општинска власт останува во следниот период да ги исплати долговите за „Битфест“ кон повеќе фирми, како на пример, кон дистрибутивната компанија „КТ филм и медиа“, чиј менаџер според податоците на интернет е Димитар Николов Таки, екс – директорот на фестивалот „Браќа Манаки“, па фирмите „Катавеј“,  „Камај аудио ДООЕЛ“ и многу други.

За проектот Битфест 2017, општината нема долгови кон поединци со кои склучила договори за дело или биле ангажирани како советници. На оваа листа што новата локална самоуправа ја стави на увид на јавноста за првпат откако Битфест се организира во Битола, на врвот со 300.000 денари се наоѓа танчерот Валентино Апостоловски. Тој заедно со Сања Русевска, Филип Ристовски и Тихо Диковски изведоа музичко – сценски и танцов перформанс Ламенти за Дон Кихот.

Средствата кои Талески ги трошеше за Битфест, секоја година беа жешка тема во Советот на Општина Битола, каде тогашната опозиција не добиваше информации кој, колку и зошто добива општински пари за настани со сомнителен квалитет, на сметка на инфраструктурниот развој на градот. Новото општинско раководство вели дека ќе се спротивстави на исплати на привилигирани поединци под закрилата на културните манифестации.

Сподели