Талески оставил во “наследство” на новата локална власт долг од 13 милиони евра

12.491.350 евра изнесувала задолженоста на Општина Битола на 31-ви октомври, утврдила стручната комисија составена од Благица Талевска, Мирче Ристевски и Евгенија Бекташ Јосифовска. Комисијата на барање на градоначалничката Наташа Петровска две недели работеле на првичната анализа на фактичката состојба со финансиите во општината, и покрај обидите за саботажа од страна на вработени во локалната самоуправа. Во пописот не учествувал раководителот на секторот за финансии во Општина Битола, осомничен во случајот Транспортер на СЈО. Според Петровска, општината должи скоро три и пол милиони евра по пристигнати фактури за стоки и услуги, временски ситуации за извршени градежни работи, обврски по гаранции за плаќање и други видови на финансиски документи за задолжување. Нешто повеќе од девет милиони евра, пак, изнесуваат обврските кои Битола треба да ги плати до основ на договори, со следните две години. Долгот од 13 милиони евра не ги вклучува неисплатените обврски за плати и трошоци кон спортските клубови во Битола : машкиот и женскиот ракометен клуб, ФК Пелистер и кошаркарскиот клуб Пелистер, како и обврските од фестивалот „Браќа Манаки“, рече Петровска.

“Тоа покажува дека општина Битола во овој момент е со неликвидност, односно немала и нема можности редовно да ги плаќа обврските кон своите добавувачи согласно Законот за фискална дисциплина. За да се има попрецизна слика за ова задолжување, ќе направам една споредба: Во 2015 година вкупно за изградба, одржување на улици, водоводи и канализации и други градежни објекти, потрошени се 2 811 027 евра. Ова значи дека, сегашните обврски по пристигнати финансиски документи се за половина милион евра повисоки, од вкупно потрошените пари за инфраструктура во 2015 година”, рече Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Петровска и пописната комисија ги анализирале и извршните судски решенија кои финансиски ја оптоваруваат општинската каса. Заради превисоките трошења над реалните финансиски можности и ненавремени плаќања, Општина Битола само во текот на оваа година, по извршни судски решенија исплатила 23.846.360 денари. И во моментот општината е тужена за поголеми суми, а тужбите се интензивираат во последно време, забележа Петровска.

“ Ова наметнува прашање: Дали постои поврзаност помеѓу некои добавувачи и поранешното раководство, да чекаат за наплата на своите побарувања и потоа на крајот на мандатот да тужат и да ја блокираат работата на општината. Со ваквите постапки на претходниот градоначалник, не само што се создал долг во минатото, туку се насочени или потрошени и парите за инфраструктура и други зафати за следните 3 – 4 години. Споредено со вкупните годишни приходи на општината, преземените обврски се околу буџетот за една и половина година“, изјави Петровска, напоменувајќи дека општина Битола е задолжена и со долгорочен кредит во износ од 155.883.097 денари. Дополнително оптоварување на општината претставуваат и лошите финансиски состојби во училиштата, за кои јавноста ќе биде информирана после завршувањето на анализите на нивното работење”, речеНаташа Петровска, градоначалник на Битола.

Петровска не сакаше да го следи примерот на дел од функционерите на СДСМ кои открија пикантерии за плаќањата на своите претходници, но спомена дека за фестивалот Битфест годинава биле исплатени 220.000 евра. За целисходноста, наменското трошење и законитоста во плаќањата, градоначалничката вели ќе остави институциите на системот да го кажат последниот збор, од Државниот завод ќе побара ревизија на работењето на општината. И покрај разочарувачките бројки, градот и општината ќе функционираат, порача Петровска.

“ Првите чекори за консолидација на финансиите се отпочнати, а во краткорочните – итни мерки за финансиско стабилизирање за седницата на совет во понеделник на предлог на градоначалникот закажан е ребаланс на буџетот за оваа година. Долгорочните мерки пак, предвидуваат долгорочни решенија, ревидирање на нерационални и непродуктивни трошења, зголемување на приходите на општината, што ќе придонесе за развој на градот”, рече Наташа Петровска, градоначалник на Битолa.

На првата седница на Советот на Општина Битола, советничката од независната листа Поинаку, Габриела Илиевска, побара формирање на привремена комисија која ќе го испита работењето на Општина Битола изминатиот период. Тогаш, советничката група на опозициската партија се огради од Владимир Талески и рече дека неговото работење е индивидуална одговорност. Советникот Горан Степановски на денешната прес конференција во Битола, посветена на мигрантите, не сакаше да одговори на прашањето на Телевизија Орбис како ги коментира податоците за финансиското работење на Владимир Талески, кој во три наврати беше кандидат за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ.

“ Извинете, само во склоп на темата, само на прес – конференцијата”, рече Горан Степановски, советник од ВМРО – ДПМНЕ.

За работата на градоначалникот Владимир Талески во периодот 2005 – 2017 година, обвинителствата во Република Македонија веќе покренаа две обвиненија, а уште дузина предмети се работат во битолското јавно обвинителство. Покрај Талески, досега обвинети се уште неколкумина вработени во Општина Битола. Дополнителните анализи на финансиското работење на поранешниот градоначалник, како и податоците до кои ќе дојде Државниот завод за ревизија, треба да ги откријат и луѓето кои биле логистика на Талески во финансиското уништување на Битола.

Сподели