Сомневања дека и Пежо-Цитроен ги лажирал своите дизел мотори со специјални програми

Париз, 9 септември (МИА) – Францускиот Оддел за борба против организираниот криминал се сомнева дека ПСА (Пежо-Цитроен) разработил стратегија за измама за тестовите на дизел моторите во врска со тестирањето на загадувањето во Франција, пишува париски „Ле Монд”.

Автомобилската групација ги негираше овие информации, но тоа не го спречи силниот пад на акциите на берзата, јавува дописникот на МИА од Париз.

– По Фолксваген, Рено и Фиат, дали и ПСА ќе биде додадена на листата на скандалот со дизел моторите? Одделот за борба против измамите се сомнева во ПСА дека имала „стратегија за измама” за да ги помине тестовите за загадување на своите дизел мотори во Франција, објави во петокот “Ле Монд”.

Овие откритија се дел од судската истрага насочена кон ПСА, спроведена од април водена од истражните судии, поради сомневањата за измама во случајот „дизелгејт”.

Германските производители на автомобили Фолксваген, францускиот Рено и италијанско-американскиот Фиа-Крајслер се веќе во центарот на вниманието на француското судство за слични случаи.

Истрагата зборува за „глобална стратегија за производство на мотори со измама, кои потоа се продаваат” од страна на автомобилската групација, која е лидер во производство на дизел мороти, пишува „Ле Монд“, цитирајќи го извештајот на Генералниот директорат за конкуренција, потрошувачки прашања и превенција на измами .

Според извештајот околу 1.9 милиони дизел возила од генерацијата Еуро5 (стандард во сила до 2015), „ кои имаат мотор, кој е произведен согласно измамнички стратегии”, беа продадени од ПСА меѓу септември 2009 и септември 2015 година во Франција.

Од своја страна, производителот „негира било каква измамничка стратегија и притоа ја потврдува релевантноста на неговите технолошки избори”, реагираше компанијата (Пежо, Цитроен и ДС).

– ПСА не била контактирана од страна на судот и е огорчена при пренесувањето на информации до трети страни без да има пристап до досието испратено од Дирекцијата до јавното обвинителство, кое иу забранува да ги претстави своите аргументи , се вели во соопштението.

Суштината на наводната измама се азотните оксиди, штетниот гас што се емитува од дизел-моторите и е скап за чистење. Според весникот „моторите имале два параметри со два режима на работа: режим LowNox, кој го намалува NOx, но ја зголемува потрошувачката на гориво и ја намалува репризата на возилото и LowCO2 модел кој ја намалува потрошувачката, ја промовира брилијантностa, но значително го зголемува Nox..

Возилата „биле опремени со калкулатор за контрола на моторот кои овозможувале LowNox да се активира исклучиво за време на испитувањето за хомологација, продолжува весникот. Накусо измамата била во корист на секојдневниот клинет – корисник на возилото, кое трошело помалку гориво.

ПСА објави дека одлучила да поднесе жалба до јавниот обвинител за кршење на доверливоста на истрагата.

Откритијата в петокот доаѓаат само четири дена пред отворањето на Саемот за автомобили во Франкфурт (Германија), најголемиот настан за автомобилската индустрија во светот. тг/ац/11:00

Сподели