Престана со работа Поликлиниката Аџибадем Систина во Битола

Аџибадем Систина ја затвори Поликлиниката во Битола. Гледачи на Телевизија Орбис кои се јавиле во кол центарот во Скопје со намера да закажат преглед во Битола, биле известени дека заклучно со крајот на ноември, Поликлиниката веќе не работи. Кога, пак, ние се обративме во Клиничката болница Аџибадем во Скопје за повеќе информации за причините заради кои Систина заминува од Битола по само неколку месеци од отворањето, ни беше речено дека засега нема потврда на информацијата. Доколку има такво нешто, граѓаните ќе бидат известени преку телевизиите.

Од друга страна, интернет порталот емагазин, објави дека приватната здравствена установа – Ординација по интерна медицина „Аџибадем Сиситина“ во Битола престанува со работа, повикувајќи се на Централниот регистар на Република Македонија. “Врз основа на решението на Министерството за здравство приватната здравствена установа – Ординација по интерна медицина „Аџибадем Систина“- Битола се брише од Централниот регистар на Република Македонија, по спроведената постапка согласно со закон”, се вели во објавата на регистарот што емагазин ја пренесе. Според информации на Телевизија Орбис, во објектот на Поликлиниката продолжува со работа Систина Офталмологија, каде граѓаните ќе можат и натаму да вршат прегледи.

Поликлиниката на Аџибадем Систина во Битола беше отворена во февруари годинава. Во модерниот објект кој се простира на површина од 500м2 и е опремен со најсовремена технологија, беше замислено да се нудат здравствени услуги од областа на гинекологијата и акушерството, педијатрија, интерна медицина и кардиологија. Во рамките на Поликлиниката имаше и дневна болница за возрасни и за деца.

Заминувањето на Поликлиниката Аџибадем Систина од Битола е еднакво мистериозно како и нејзиниот сопственик, Орце Камчев кого угледниот магазин Форбс го смести на врвот на листата најбогати Македонци. Со 22,8 милиони евра вредност на компаниите како што се „Кара“, „Орка“, „Стопанска банка Битола“, „Бетон Штип“, Камчев изби на првото место на најбогати Македонци, откако минатата година успеа да го зголеми капиталот за повеќе од три милиони евра во однос на 2015-та. Според истражувањата на Новатв, Камчев фигурира во сопственичката структура на повеќе компании кои беа актуелни во јавноста изминативе неколку години, меѓу кои Орка Холдинг и Ексико, кои пак поседуваат или поседувале акции во градежната компанија, Бетон Штип, Млекарата Здравје Радово, земјоделските комбинати Жито Полог и  Пелагонија. Истражувањата на Новатв открија дека Бетон Штип добила седум тендери кои вредат 55 милиони евра како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“. Земјоделскиот комбинат ЗК Пелагонија, пак, добил 6,5 милиони евра државни субвенции во последните неколку години откако Орка и Ексико станале акционери. Комбинатот отвори и централа за биогас, а набави и неколку илјади грла крави. Во едно од ретките свои телевизиски појавувања последниве години, Камчев во емисијата Патот до успехот порача дека благодарение на ВМРО-ДПМНЕ нема земено ништо, а компаниите ги купил со парите од продажбата на Систина на берза.

Сподели