Пратениците ќе продолжат да „лапаат“ пари за патни трошоци и во 2018 година

Пратениците во 2018 година повторно ќе земаат како и досега пари за патни трошоци со буџетот кој им е на располагање од 1,3 милиони евра. И покрај наводните заложби на СДСМ дека сакаат да се намалат патните трошоци, сепак и следната година ќе земаат исто пари за колку што во изминатите години држеа прес конференции и ја напаѓаа Силвана Бонева.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој зеде 2588 евра за три месеци годинава, редовно ја критикуваше минатата власт дека сумата од страна на тогашната власт која се издвојувала за патни трошоци на парламентариците е преголема. Крсто Муковски за истиот период зеде 3000 евра, а меѓу рекордерите останува Силвана Бонева со земени 23.000 ерва за цела 2014 година. Тунтев и СДСМ се заложија дека мора да има промени во висината на патните трошоци, но тоа засега не се случи. Јавна тајна е дека сите години пратениците од исти градови се раправаат во Собранието, но заеднички доаѓаат со едно возило, а потоа секој под нив зема пари за патни трошоци.
– Четири месеци се обидувавме да ги убедиме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема потреба да се одолжуваат седниците, да се доаѓа секој ден, да се дискутира едно исто со реплика на реплика. Секое доаѓање на пратениците значи и патни трошоци. Јас сум од Охрид, патувам секој ден. За да дојдам на работа, мене ми се потребни пет часа дневно во автомобил, возам 350 километри во денот и немам избор. Тоа е регулирано законски, со Законот за платата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица и со Одлуката за висината за надоместокот, што ја носи Комисијата за избор и именувања во ова Собрание. Значи, една од причините за големиот број доаѓања на пратениците беше токму таа и ние со месеци укажувавме дека непотребно доаѓаме и дека непотребно им се трошат парите на граѓаните“, изјави Тунтев на почетокот на август оваа година кога се актуелизираше темата за патните трошоци на пратениците.
Покрај сите обвинувања, средствата за патни трошоци на пратениците не само што не се намалени, туку и се зголемени за 10 илјади евра за следната година. Со буџетот за 2017 предвидени беа 80 и пол милиони денари или приближно 1,3 милиони евра. Истата ставка на име трошоци за 2018 година се 81 милион денари, што е 500 илјади денари повеќе од претходната година. Буџетот за трошоци е речиси ист со 10.000 евра плус кои отпаѓаат на зголемен број пратеници надвор од Скопје, информираат од Собранието, но зголемен е и со 35 илјади евра за нововработени 33 лица и како и за набавка на нови возила во висина од 97 000 евра. Во буџетот има и дополнителни 340 илјади евра за набавка и на нова опрема за собранискиот канал.
Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да коментираат за патните трошоци на Собранието. Координаторот на една од десетте пратенички групи на ДПМНЕ, Илија Димовски, изјави дека не би сакал да зборува за средствата предвидени за патните трошоци бидејќи, како што кажа, “тогаш би ги нападнал колегите што според него било неблагодарно.
За Димовски исто така имаше обвинување дека живее во Скопје, а сепак секој месец зема пари од Собранието за патни трошоци.
Единствената работа за која ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се согласуваат се патните трошоци на пратениците. Иако тие пред јавноста се препукуваат за намалување на средствата сепак и понатаму секој месец во име на патни трошоци ќе инкасираат од граѓаните.

Powered by WPeMatico

Сподели