Потврдени одлуките за притвор

Адвокатите кои ги бранат притворените Борис Дамовски, Владо Јовановски и Горан Ѓошевски побараа од Апелацискиот суд да ја укине мерката притвор за нивните клиенти. Тие се осомничени за тероризам во врска со настаните од 27 април. Адвокатот на Дамовски побара други мерки од судот, но Јавното обвинителство истакнувајќи го фактот дека тој имал неколку адреси на живеење, притворот била најсигурната можна мерка. Во меѓувреме, адвокатот на актерот Владо Јовановски побара измена на мерката од притвор во домашен притвор, оправдувајќи го тоа со неговата социјална состојба. Обвинителниот орган не го прифати образложението затоа што притворот бил потребен за истрагата.

Вчера одбраната на шестмината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги обжалија одлуките за притвор и домашен притвор. Се бара жалбите да се разгледаат на јавна седница во Апелациониот суд. Додека адвокатите на Саше Василевски, Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски очекуваат јавна седница, Мукоски и натаму е во штрајк со глад во истражниот затвор на Шутка. Во жалбите на тројцата пратеници кои се наоѓаат во домашен притвор Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски наведуваат дека тие немаат амбиции да влијаат на истрагата.

Поради тоа што Обвинителството за организиран криминал и корупција во вторникот побара притвор за Димовски, а судот не го прифати, не се исклучува можноста по барање на Јавното обвинителство, Кривичниот суд да ја преиначи мерката од домашен притвор, во притвор.

Во меѓувреме, полицијата работи на пронаоѓање на уште пет лица кои од 28 ноември им се недостапни на органите, а кои по наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да бидат изведени пред судот. Станува збор за Александар Василевски – Нинџа, Никола Митровски – Коло, Дејан Давидовски – Дешо, Митре Питроповски и Младен Додевски. Минатата недела Кривичниот суд му изрече мерка притвор и на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, на лидерите на протестите „За заедничка Македонија“, на агенти на УЈБ, како и на други лица осомничени за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Aдријан Керими

Сподели