Почна протестот против пресудите за „Диво Насеље“

Како што беше највено, на плоштадот Скендербег, се собираат граѓани што ќе протестираат против судската пресуда за случајот „Диво насеље”. Насобраните граѓани носат транспаренти и засега нема скандирања.

Протестот го организира Здружението за албанска култура, која вчера го пријавила настанот во полициската станица Бит пазар.
Во повикот за протестот што го пренесоа дел од медиумите е наведено дека треба да присуствуваат сите граѓани кои сметаат дека „ваквото изживување и самоволие на судот во изрекување на казните се уште еден пример за неправедна правда и двојни аршини од страна на судот“.

Претходно на социјалните мрежи се договараше учеството, а според виденото, се очекуваат и демонстранти од Косово и од Албанија, кои го најавуваа своето учесво.
„Нашето учество само ќе укаже за тоа колку сите сме за соживот, без маски и агенди“, велат организаторите.

За време на протестот сообраќајот на бул „Гоце Делчев“ и ул.„Филип Втори Македонски“ ќе бидат пренасочени во двата правци, а потоа и сообраќајот на улиците „11ти Октомври“ и „Димитрија Чуповски“ и тоа од крстосница помеѓу „11ти Октомври“ и бул „Кочо Рацин“ (Црвен крст) до крстосница помеѓу ул„Димитрије Чуповски“ и ул.„Даме Груев“ (Палома Бјанка).

На 2 ноември, Основниот суд Скопје 1 изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од „Диво Насеље“,13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата. На шеснаесет обвинети судот им изрече и казна протерување странец засекогаш од територијата на Република Македонија.

Од вкупно 37 обвинети во судницата пресудата ја слушнаа само четворица. Другите обвинети одлучија да го бојкотираат судењето и да излезат од судницата. Во почетокот на изрекувањето на пресудата, по појавувањето на судијката Верка Петковска, обвинетиот Шефкет Калачи стана, ја соблече блузата и се обрати со зборовите – за ова ќе одговарате сите и вие и јавниот обвинител.
По него станаа и другите обвинети и на цел глас во судница ја пееја химната на Албанија и извикуваа „да живее УЧК“, извикуваа „имаме педери во политиката“ и пееја албански песни со зборовите „зборот е збор, ветувањето е ветување“. Дел од обвинетите ѝ се закануваа на судијката дека никогаш нема да може мирно да спие и дека во Македонија никогаш нема да биде мирно.
По ова судијката Петковска со решение ги отстрани обвинетите од судницата.
По изрекувањето на пресудата судијката Петковска образложи дека обвинетите ќе треба солидарно да ги надоместат трошоците за спровод, за судски преведувачи и за обдукциите направени во Институтот за судска медицина.
Образложението на судијката по изрекувањето на пресудата беше дека доказите што ги понуди обвинителството покажале дека обвинетите што се прогласени за виновни ги сториле кривичните дела тероризам и терористичка организација, дека доказите јасно ги утврдуваат приликите поради кои обвинетите дошле во Македонија, начинот на кој тие влегле во земјава, како се засолниле и како во групи се обиделе да се префрлат во Диво Насеље во Куманово, каде што на 9 и 10 мај 20015 извршија терористички напад во ко загинаа осум полицајци.

Сподели