Од ДОМ предлагаат низа итни и ригорозни мерки против загадувањето

Македонските градови се и натаму потонати во смог и неопходни се ригорозни мерки против загадувањето, реагираат од политичката партија на зелената опција „Демократска обнова на Македонија“ (ДОМ).

Според нив потребни се интервентни набавки на: опрема за уништување на медицински и друг биолошки отпад во Дрисла, пречистувачи на воздух, апсорбери на чад од оџаци на домаќинствата, филтри на индустриски оџаци и слична опрема, за кои велат дека се неопходни и инвестиции полезни по здравјето на граѓаните.

Како што наведуваат од ДОМ, финската студија за загадувањето на воздухот во скопскиот регион од 2016-та година покажала дека извори се: 32% загревањето на домаќинствата, 20% сообраќајот, 19% градежништвото и 18% индустријата.

Затоа, врз основа на овие показатели, од ДОМ предлагаат од денес до крајот на февруари да важат следниве итните мерки: користење на возила по принципот пар-непар (за да биде поефикасен бесплатниот јавен превоз), забрана за тешки товарни возила низ градот, забрана за користење на возила под „Еуро“ 4 стандардот, затворање на градилиштата, преполнување на производството или затварање на загадувачки погони, редовно собирање на отпадот и редовно миење на улиците, како и зголемени инспекциски контроли на општинските и државните инспектори за животна средина.

Од ДОМ додаваат дека уште оваа зима треба да се започне и со среднорочните мерки против загадување на воздухот, како: пропишување листа на дозволени горива во домаќинствата и индустријата, субвенции за печки на пелети, сончеви панели за топла вода и изолација на домовите, субвенции за вградување плински уреди во возилата што загадуваат, субвенции за хибридни и електрични возила, како и зголемување на возниот парк во јавниот превоз со електрични автобуси.

Сподели